Пожарот што изби од преспанската страна и се движи кон Националниот парк „Пелистер“ и понатаму е најтежок и најкомплексен за гасење во земјава, а во неговото сузбивање се вклучени копнени сили, механизација, ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и армиски хеликоптер, информираше денеска директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Пожарот што изби од преспанската страна и се движи кон Националниот парк „Пелистер“ и понатаму е најтежок и најкомплексен за гасење во земјава, а во неговото сузбивање се вклучени копнени сили, механизација, ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и армиски хеликоптер, информираше денеска директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
– Рано утрово со дејство започна и еден армиски хеликоптер со големо ведро од 3 тони. Со прецизно фрлање на водата успеа да изгасне неколку критични точки, но со доаѓањето на топлиот дел од денот, со доаѓањето на пладне, повторно почнаа да се појавуваат горливи точки и да се гледа чад на повеќе позиции. Во овој момент дејствуваат ер-тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување како поддршка на пожарникарите од Битола, од Ресен, огнените тимови составени од доброволци на Дирекцијата за заштита и спасување, како и неколку пинцгауери коишто дејствуваат на овој простор – нагласи директорот на ДЗС.
Според него, синоќа била воспоставена блага контрола, но поради сериозноста на состојбата била побарана дополнителна поддршка од доброволни пожарникари од Битола, кои цела ноќ дејствувале заедно со професионалните екипи, командирот на битолската противпожарна единица и директорот на Националниот парк „Пелистер“. Со механизација е направена и противпожарна пресека над боровите за да се спречи напредувањето на огнената линија.
Ангелов категорично ги демантираше написите во одредени медиуми за наводно повредени пожарникари на терен.
– Досега не е повреден ниту еден пожарникар. Не е точна веста којашто се појавила во некои портали дека има двајца повредени пожарникари — ниту повреден пожарникар, ниту пак имаме пожарникар којшто вдишал чад, така што сите пожарникари се добро и продолжуваат во борбата против оваа огнена стихија – посочи Ангелов.
Во однос на останатите активни жаришта, Ангелов информираше за состојбата на планината Жеден, каде што пожарот исто така се одвива на непристапен терен, но не претставува опасност за населените места.
– Покрај овој голем пожар (на Пелистер), на територијата на државата активен е и пожарот на планината Жеден, којшто е исто тежок за гасење бидејќи се одвива на тешко пристапен, а на делови целосно непристапен терен. Таму гори само сува трева, трње, грмушки и друга ниска вегетација. Истиот не претставува закана за локалното население, за околните села коишто се наоѓаат во подножјето на оваа планина. Очекувам денес да биде ставен под контрола од скопска страна благодарение на скопските пожарникари, а од тетовска страна на пожарникарите од градот Тетово – изјави Ангелов.
Ангелов истакна дека во текот на вчерашниот ден на територијата на државата се регистрирани повеќе од 30 пожари, при што дождот во источните делови само незначително ја олеснал состојбата.












