На 55-годишна возраст почина режисерот и драматург од прилепскиот театар, Кирил М. Петрески. Колегите велат дека неговата прерана смрт е голема загуба не само за колективот на театарот „Војдан Чернодрински“, каде што работел од 2013 година, туку и за македонскиот театар воопшто.

Петрески е роден 1971 година. Дипломирал на Катедрата за театарска режија при Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на проф. Слободан Унковски, со претставата „Фарса за храбриот Науме“ од Русомир Богдановски.

Со својата долгогодишна и посветена работа, Петрески остави значајна трага во театарскиот живот и во развојот на прилепскиот театар, но и препознатлив печат во македонскиот театар.

Во театарот „Војдан Чернодрински“ ги режираше претставите: „Уште една за по пат“ од Харолд Пинтер, „На трета мајка“ од Петар Петрески, „Духот…“ според дела од Војдан Чернодрински и Горан Стефановски, „Сатирикон или големата гозба“ од Петрониј Арбитер, „ММЕ кој прв почна“ од Дејан Дуковски, „Роберто Зуко“ од Бернар-Мари Колтес, „Четвртата сестра“ од Јануш Гловацки, „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери, „Маратонците го трчаат почесниот круг“ од Душан Ковачевиќ, „Сонот на Цепенков“ според Марко Цепенков, „Како се станува цар“ од Афродита Кирјаковска, „Хамлет од Горно Дупени“, според „Хамлет од селото Долна Мрдуша“ од Иво Брешан, „Демократија“ од Јосиф Бродски и „Ученикот“ од Мариус фон Мајербург. Со претставата „Четвртата сестра“ учествуваше на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Во кумановскиот театар ги режирал „Варијации: диви пајки“ од Дејвид Мемет и „Не играј на Англичани“ од Владимир Ѓурѓевиќ, која беше дел и од официјалната програма на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во 2010. Во НТ „Григор Прличев“ – Охрид ја режираше претставата „На дното“ според Максим Горки.

ИЗДВОЕНИ