Археолошките локалитети, спомениците и музеите низ Грција вечерва ќе се отворат за посетители со бесплатен влез, како дел од традиционалниот настан посветен на августовската полна месечина, организиран по 27-ми пат од Министерството за култура.
Централниот дел од програмата се одржува вечерва, 28 август, кога бројни културни локалитети ќе им понудат на посетителите ноќни тури под светлината на полната месечина.
Програмата трае до недела, 30 август, и вклучува концерти, театарски и танцови претстави, изложби и организирани професионални тури, објавува „Еуроњуз.
Настаните се организирани од одделенијата на Генералниот директорат за антиквитети и културно наследство и Генералниот директорат за реставрација, музеи и технички работи, со поддршка на општини, региони и културни институции.
Според грчкото Министерство за култура, вкупно 126 археолошки локалитети, историски локалитети, споменици и музеи низ целата земја учествуваат на настанот.
Културните програми ќе се одржуваат на 61 локација, додека дополнителни 65 објекти ќе бидат отворени за посетители без наплата на влезница.
Работното време зависи од локацијата, а некои објекти ќе бидат отворени од 19:30 или 20:00 до 23:00 часот, или до полноќ.
Програмата и списокот на сите локации се достапни на официјалната веб-страница на грчкото Министерство за култура, пренесува „Танјуг“.












