вторник, јули 7, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Три нови лека против згрутчување на крвта на позитивната листа

Три нови лека против згрутчување на крвта на позитивната листа

Пациентите ќе плаќаат само партиципација, ФЗО најавува нови терапии и построги контроли

124

Од 1 јули, на позитивната листа на лекови се вклучени три нови антикоагулантни терапии : „еноксапарин“, „надропарин“ и „ривароксабан“, против згрутчување на крвта. Од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) најавуваат дека ова е само прва фаза од проширувањето на позитивната листа, ќе следуваат нови лекови за хронични заболувања, намалување на цените преку поголема конкуренција и построга контрола на препишувањето рецепти

Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, кој следната недела, во Собранието, ќе биде владин предлог за нов министер за здравство, информираше дека лековите познати како „клексан“ веќе се достапни во аптеките и ќе се издаваат со рецепт од лекар специјалист.

За „еноксапаринот“ се достапни два бренда, од кои едниот ќе биде без доплата, додека вториот ќе се издава со доплата, по избор на пациентот. Кај „надропаринот“, засега е достапен еден бренд, а кај „ривароксабанот“ во почетниот период, исто така, ќе има еден бренд.

Досега „еноксапаринот“ и „надропаринот“ се добиваа преку системот на рефундација, при што пациентите плаќаа од 1.100 до 2.700 денари, во зависност од дозата и од должината на терапијата. Со ставањето на позитивната листа, тие ќе бидат достапни со партиципација од 160 до 240 денари, а за еден од брендовите нема да има никаква доплата.

Првпат на позитивната листа е ставен и „ривароксабанот“, лек чија цена досега се движеше меѓу 2.000 и 2.200 денари. Отсега пациентите ќе плаќаат партиципација од 160 денари, а во преодниот период ќе има доплата од 105 до 505 денари, зависно од дозата и од пакувањето. Кај најчесто користеното пакување од 10 милиграми со 30 таблети, заштедата за пациентите ќе изнесува 1.752 денари.

Клековски најави дека од 1 јануари 2027 година „ривароксабанот“ ќе биде достапен без доплата, односно пациентите ќе ја плаќаат само законската партиципација.

Поради, како што рече, инертноста на аптеките во процесот на набавка, Фондот ќе продолжи да ги прифаќа барањата за рефундација на антикоагулантните лекови во периодот од 1 до 15 јули, за да не останат пациентите без терапија.

Осврнувајќи се на употребата на т.н. клексани, кои најчесто се користат кај пациентите со ризик од тромбоза, вклучително и во бременоста, Клековски оцени дека постои прекумерно препишување на овие лекови.

– Малку е прекумерна и претерана употребата на лекови и ќе мора да се стави тоа во построга рамка, односно јасно да се почитуваат индикациите за нивно препишување. Конечната одлука, врз основа на медицинските индикации, останува кај лекарот специјалист – рече директорот на ФЗО.

Тој додаде дека ќе продолжат да се користат „еноксапаринот“ и „надропаринот“ и во болнички услови, како и за продолжено лекување што пациентите имаат во домашни услови.

Паралелно со проширувањето на позитивната листа, Фондот ќе бара и дополнително намалување на цените на лековите преку преговори со фармацевтските компании.

– Од фармацевтските куќи бараме новите вклучувања на позитивната листа да бидат без доплата или постепено, каскадно, да се намалуваат цените. Целта ни е лековите да бидат повеќе од 50 проценти поевтини за Фондот. Сакаме да го раздвижиме пазарот и да создадеме конкуренција што ќе доведе до пониски цени. Тоа нема да биде лесно, бидејќи ќе значи и намалување на маржите на фармацевтските компании – рече Клековски.

Како следен чекор, тој најави проширување на позитивната листа со лек од групата „фостер“, наменет за лекување хронична опструктивна белодробна болест и астма. Според Клековски, овие заболувања зафаќаат околу четири проценти од населението, а станува збор за трикомпонентна терапија што треба да обезбеди подобра контрола на болеста и пониски трошоци за пациентите.

Во следното проширување на позитивната листа ќе бидат опфатени и терапиите за дијабетес, срцева слабост и за синдром на хронична бубрежна инсуфициенција.

Клековски најави и нови механизми за контрола на препишувањето лекови, со цел тие да се издаваат согласно со одобрените медицински индикации.

– Ако треба да се препише лекот за друга индикација, производителот е должен да побара проширување на одобрението. Не смееме да ги издаваме лековите надвор од одобрените индикации. Лекарот може да препише терапија и надвор од индикацијата, но тоа е негова професионална одговорност – изјави директорот на ФЗО.

Трите антикоагулантни лекови требаше да бидат ставени на позитивната листа до 1 јануари 2026 година, но постапката беше одложена поради административни причини. Според Фондот, актуелното проширување е прв чекор во пошироката реформа со која треба да се зголеми достапноста на современите терапии и истовремено да се намалат трошоците и за пациентите и за здравствениот систем. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ