вторник, ноември 24, 2026
Дома СВЕТ „Овој пат, ќе бидам подобар извршен директор“, им вети Хуанг на вработените...

„Овој пат, ќе бидам подобар извршен директор“, им вети Хуанг на вработените во „“Енвидиа“ – тие го пречекаа со овации/ВИДЕО

0
EPA/JIM LO SCALZO

Вработените во „Енвидиа“ (Nvidia) го пречекаа Џенсен Хуанг, кој се врати на чело на американскиот технолошки гигант, со аплаузи и овации, 11 дена по неговото заминување. Хуанг им се заблагодари за втората шанса и вети дека, овој пат, ќе биде подобар извршен директор.

Според „Business Insider“, Хуанг пристигнал во седиштето на компанијата во Санта Клара во понеделникот, каде што вработените го пречекале извикувајќи го неговото име. Снимки од неговото враќање брзо се проширија меѓу вработените.

„Ви благодарам на сите за втората шанса. Овој пат, ќе бидам подобар извршен директор“, им рекол Хуанг на собраните вработени.

За време на своето обраќање, тој се извини за тешкотиите со кои се соочила компанијата по неговата оставка. Напоменувајќи дека ова е негов прв работен ден по враќањето, тој се пошегува дека веќе нема компјутер и дека ќе мора да побара нов од ИТ-одделот.
Враќањето на Хуанг наиде на многу позитивни реакции кај вработените, од кои некои го прославија неговото повторно именување на социјалните мрежи.

На 12 ноември, Хуанг ја напушти „Nvidia“ по медиумските извештаи во кои се тврдеше дека имал повеќе вонбрачни афери – вклучително и една со жена за која американските власти се сомневаат дека има врски со кинеските разузнавачки служби.

Неговото заминување предизвика незадоволство кај дел од вработените и инвеститорите. Беше покрената и петиција за негово враќање, која собра над 200.000 потписи – вклучително и од сегашни и поранешни вработени.

Минатата недела, Одборот на директори на „Nvidia“ изјави дека нема намера да го врати Хуанг на чело на компанијата. Сепак, оттогаш едногласно одлучија повторно да го именуваат за претседател, извршен директор и член на Одборот.

Американскиот претседател Доналд Трамп јавно го поддржа враќањето на Хуанг и потврди дека разговарал со членови на Одборот на „Nvidia“. Тој истакна дека заминувањето на Хуанг би претставувало голема загуба за американската технолошка индустрија.

Во интервју за CNBC, Трамп изрази посебна загриженост дека Кина би можела да го ангажира Хуанг, напоменувајќи дека кинеските компании би можеле да ја искористат неговата стручност и искуство во развојот на напредни чипови. При објавувањето на одлуката во врска со враќањето на Хуанг, „Nvidia“ изјави дека се консултирала со високи американски претставници и дека неговото враќање не претставува ризик за националната безбедност.

Сè уште трае независната истрага за тоа дали Хуанг бил цел на операција на странска разузнавачка служба. Компанијата, исто така, најави дополнителни мерки за надзор со цел да се осигури почитување на американските ограничувања за извоз на чипови.

ИЗДВОЕНИ