
Американскиот претседател Доналд Трамп, формираше работна група за подготовка за Светското првенство во фудбал во 2026 година. Сето тоа во време кога царините на Трамп се главна тема во светот.
Работната група, со која ќе претседава Трамп, ќе ја координира безбедноста и планирањето на федералната влада за турнирот, кој се очекува да привлече милиони туристи во САД, Канада и Мексико.
Трамп рече дека сегашните тензии со Мексико и Канада поради царините ќе го направат турнирот повозбудлив. САД воведоа царини од 25 отсто на стоки од Канада и Мексико и двојно ја зголемија стапката на кинескиот увоз на 20 отсто.
Канада и Кина одговорија со свои царини – или увозни даноци – за различни американски стоки. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ги таргетирал Канада и Мексико затоа што дозволиле голем број илегални имигранти да влезат во САД.
Економистите предупредија дека овие тарифи може да им наштетат на бизнисите и потрошувачите во САД и остатокот од светот. „Што мислите, како ќе изгледа турнирот со сите тензии меѓу САД со Канада и Мексико?“, праша еден новинар на прес-конференција. „Па, мислам дека со нив ќе биде повозбудливо, тензијата е добра работа“, истакна Трамп, додавајќи: „Да, така мислам“. Мислам дека ќе биде уште повозбудливо со тензиите што ги имаме“.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино се сретна со Трамп во Овалната соба и заедно го претставија изгледот на трофејот што ќе го подигне светскиот шампион.
Инфантино рече дека работната група ќе се погрижи секој од посетителите што ќе дојдат од целиот свет да се чувствува безбедно и среќно.
Светското првенство во фудбал ќе се игра од 11 јуни до 19 јули 2026 година. Ќе гледаме 48 репрезентации и вкупно 104 натпревари во Канада, Мексико и САД.
