Американскиот претседател Доналд Трамп денес за американската телевизиска мрежа NBC изјави дека не бил информиран за одлуката на Иран да ги прекине преговорите.
„Ако не сакаат да разговараат, тоа не ме загрижува. Мислам дека е во ред. Ниту јас не сакам особено да разговарам. Веќе премногу зборуваме“, рече Трамп, додавајќи дека „тоа не значи дека Американците ќе бомбардираат насекаде“.
„Ќе ја одржиме блокадата“, рече тој, додавајќи дека наскоро ќе одлучи за договор за продолжување на прекинот на огнот постигнат на почетокот на април.
Иранската новинска агенција Тасним денес објави дека Иран ги прекинува преговорите со САД поради израелската офанзива во Либан.
„Со оглед на континуираните злосторства на ционистичкиот режим во Либан и со оглед на тоа што прекинот на огнот во Либан беше еден од предусловите за прекин на огнот, иранскиот преговарачки тим го прекинува дијалогот и размената на текстови преку посредници“ со САД, објави Тасним.
Другите ирански медиуми сè уште не го објавија ова.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, денес изјави дека прекинот на огнот меѓу Иран и САД „недвосмислено се однесува на сите фронтови и треба да го вклучи и Либан“, кој е нападнат од Израел.












