Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја даде својата прва изјава по синоќешните воени напади на САД врз Иран, велејќи дека американската војска „многу силно нападнала“ ирански цели и дека, според него, прекинот на огнот меѓу САД и Иран повеќе не постои, објавува Index.hr.
Зборувајќи за време на состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Анкара, Трамп го обвини иранското раководство дека ги продолжува нападите и покрај претходните договори.
„Им рековме: „Одете и направете ги вашите погребни обреди“, а наместо тоа вчера почнаа да испукуваат ракети и да напаѓаат бродови. Затоа ги погодивме многу силно синоќа“, рече Трамп.
Тој додаде дека американските напади биле „20 пати помоќни“ од одмаздничките напади на Иран.
„Им реков дека ќе одговориме на секој напад што ќе го направат со наш сопствен напад. Но, тие играат валкано и напаѓаат сè по ред. Не ги сакам. Не ги сакам. Тие се зли луѓе“, рече американскиот претседател.
Трамп, исто така, тврдеше дека САД „потрошиле многу време со Иран“ и дека Техеран требало да постигне мировен договор многу порано.
„Ова се зли и болни луѓе. Тие се рак. А знаете што правите со рак? Треба да се отстрани што е можно поскоро“, рече тој.
Кога новинарите го прашаа дали верува дека примирјето меѓу САД и Иран е завршено, Трамп одговори потврдно.
„Тоа е многу интересно прашање. Според мене, е завршено. Не сакам повеќе да се занимавам со нив“, рече тој.
Додаде дека ќе разговара со американските преговарачи бидејќи, како што тврди, иранската страна сè уште сака да преговара.
„Што се однесува до мене, прекинот на огнот е завршен. Ќе разговарам со нашите преговарачи. Тие сакаат да разговараат, но според мене, разговорот со нив е губење време“, заклучи Трамп.
САД и Иран потпишаа меморандум за разбирање на 17 јуни со кој се запре воениот конфликт меѓу двете земји и се обврзаа на 60-дневен период на преговори за постигнување конечен, траен мировен договор.
Сепак, американската војска започна „серија моќни напади“ врз Иран преку ноќ, за кои рече дека биле одговор на нападите врз бродови во Ормускиот теснец.












