Руското Министерство за надворешни работи денес упати протестна нота до Естонија поради одлуката да го суспендира сообраќајот на сите гранични премини меѓу двете земји од 1 декември и го повика на разговори вршителот на должноста амбасадор на Естонија во Москва, Марек Ухтеги.
Руската страна ги отфрли како неосновани обвинувањата за вмешаност во обид за палеж на објект од одбранбената индустрија во близина на Талин, објави украинскиот весник „Европски правда“.
Руското министерство ја нарече одлуката на Естонија „уште еден антируски потег“ и предупреди дека затворањето на границата ќе ѝ наштети на естонската економија, како и на нејзините сојузници во Европската Унија и НАТО.
Москва, исто така, изрази незадоволство од обидите на Естонија да го попречи движењето на руските товарни бродови во Балтичкото Море, како и од забраната за транзит на руско и белоруско жито низ естонска територија, воведена во октомври.
Во соопштението, ги обвини естонските власти за дискриминација кон жителите што зборуваат руски јазик и за закана со укинување на Естонската православна црква, која е канонски поврзана со Московската патријаршија.
На 20 ноември, естонската влада одлучи да го прекине сообраќајот на сите пет гранични премини со Русија – Нарва 1, Нарва 2, Коидула, Лухамаа и Сааце – од 1 декември.












