
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес изјави дека новите американски напади врз Иран биле „апсолутно неопходни“, оценувајќи дека Вашингтон морал решително да реагира по, како што рече, иранското кршење на примирјето.
„Кога имате примирје и Иран во основа го крши, мислам дека е апсолутно клучно САД силно да реагираат“, изјави Руте пред новинарите пред самитот на лидерите на НАТО во Анкара, објави „Ројтерс“.
Тој рече дека очекува сојузниците да ја потврдат својата позиција во текот на денот дека Иран треба целосно да го отвори Ормутскиот теснец за меѓународен превоз.
Зборувајќи за односите во рамките на Алијансата, Руте рече дека постои „целосна посветеност“ на американскиот претседател Доналд Трамп кон НАТО, но дека Вашингтон во исто време оправдано очекува европските членки и Канада да ги зголемат трошоците за одбрана и да ги распределат трошоците порамномерно во рамките на алијансата.
Коментирајќи го наводното незадоволство на некои американски претставници од сојузниците поради нивниот став кон Иран, Руте оцени дека станува збор за „изолирани случаи“.
Генералниот секретар на НАТО се осврна и на прашањето за Гренланд, наведувајќи дека е во тек „добар процес“ во врска со ова прашање, но не даде дополнителни детали.











