среда, јули 8, 2026
Дома СПОРТ „Кого ќе повикаш сега, Доналд?“

„Кого ќе повикаш сега, Доналд?“

27

Белгија ги победи САД со 4:1 во осминафиналето на Светското првенство и се квалификуваше за четврт-финалето, каде што за противник ќе ја има селекцијата на Шпанија.

Пред да биде одигран овој натпревар, вниманието на фудбалската јавност беше насочено кон скандалозната одлука на ФИФА да го поништи црвениот картон на Фоларин Балогун.

Имено, американскиот напаѓач доби директен црвен картон на натпреварот против Босна и Херцеговина, по ужасниот старт врз Тарик Мухаремовиќ.

Американците отидоа толку далеку што Доналд Трамп изврши притисок врз првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино.

Сè беше како што замислуваа Американците, барем до почетокот на натпреварот, бидејќи тие го имаа Балогун на теренот откако беше направен скандалозниот потег.

Балогун не помогна многу на теренот или поточно воопшто не им помогна на САД.

Откако судијата отсвири крај на натпреварот, медиумите во Белгија решија да му испратат јасни пораки на Трамп и жестоко да го понижат.

Белгискиот медиум „Де Стандард“ истакна дека Белгија покажала авторитет и покрај сè што се случило.

– Колку и да е моќна ФИФА, Белгија ги елиминираше САД од натпреварувањето. Покажавме кој е шеф со голема победа.

Сепак, некои медиуми отидоа чекор подалеку и директно го прозваа Трамп.

Порталот „Ниусблад“ испрати јасна порака до Трамп и до Белата куќа.

„Црвените ѓаволи се во четврт-финалето. Кого ќе повикаш сега, Доналд?“ е насловот на извештајот по натпреварот на овој портал.

Дополнително, во текстот тие ја замислија сцената на полувремето на ироничен начин.

– Здраво, Џани. Доналд е… Лесно можеме да замислиме ваков повик откако поведе Белгија со 2:1. Овој пат телефонот на Џани беше исклучен – пишуваат новинарите на „Ниусблад“.

Сепак, многу брзо, сите белгиски медиуми го префрлија фокусот на следниот натпревар, а тоа е четврт-финалето на СП против Шпанија.

 

ИЗДВОЕНИ