вторник, август 25, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Трамп повторно ја менува географијата: Сака да го преименува езерото Онтарио во...

Трамп повторно ја менува географијата: Сака да го преименува езерото Онтарио во „Америка“

52
Фото: google maps

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денес дека САД сериозно размислуваат за преименување на езерото Онтарио во „Езеро Америка“ поради растечките тензии меѓу Вашингтон и Канада.

„Соединетите Американски Држави сериозно размислуваат за промена на името на езерото Онтарио во езеро Америка, бидејќи повеќе не очекуваме да соработуваме многу со Онтарио“, напиша Трамп на Твитер.

Трговскиот спор меѓу САД и Канада ескалираше во отворена размена на навреди и закани меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и премиерот на Онтарио, Даг Форд. На 22 август, Белата куќа воведе царини од 50 проценти за одредени канадски производи откако трговските разговори меѓу двете земји пропаднаа.

Тензиите особено се чувствуваат во автомобилската индустрија, производството на челик и алуминиум, како и во енергетиката и земјоделството. Трамп, воедно, се закани со дополнителни царини од 50 отсто за канадските автомобили и автомобилски делови.

Канадскиот премиер Марк Карни го обвини Вашингтон дека со трговските барања се обидува да ги потчини канадските интереси, оценувајќи дека политиката на САД може сериозно да ги погоди големите индустрии во земјата.

Иако САД и Канада имаат едни од најтесно поврзаните трговски односи во светот, особено преку автомобилската индустрија, енергетиката, земјоделството и производството, продолжувањето на трговскиот спор би можело да предизвика сериозни последици за компаниите и работниците од двете страни на границата.

Во меѓувреме, канадската влада подготвува мерки за поддршка на работниците погодени од царините, додека Карни најави дека Отава може да се откаже од целосно симетрични контрамерки и, наместо тоа, да се насочи кон потаргетирани мерки за заштита на канадските компании и работници.

ИЗДВОЕНИ