четврток, септември 24, 2026
Дома СВЕТ Трамп: Одлуките за ВИ ќе го обликуваат мирот во наредните децении

Трамп: Одлуките за ВИ ќе го обликуваат мирот во наредните децении

0
Фото: EPA/Annabelle Gordon / POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека тој и кинескиот претседател Шји Ѓинпинг – кого го пречека во официјална посета на Белата куќа – имаат однос изграден врз „меѓусебна почит“.

Обраќајќи им се на новинарите заедно со Шји во Белата куќа, Трамп рече дека преку соработка, САД и Кина постигнале „огромен напредок во однос на прашањата со кои се соочуваат нашите две земји“, пренесува „Си-ен-ен“ (CNN).

Тој додаде дека двете нации работат кон „побалансиран трговски однос“, вклучително и „нов пристап до пазарот за американските земјоделци и сточари“.

Трамп рече дека со кинескиот претседател ќе разговара за важни прашања поврзани со „безбедноста, технологијата и супер-интелигенцијата“ – конкретно вештачката интелигенција – истакнувајќи дека одлуките донесени во овие области денес би можеле да „го унапредат мирот и просперитетот во децениите што доаѓаат“.

„Нашите земји всушност го прават истото и ние сме многу горди на тоа, како и на нашиот однос“, нагласи Трамп.

Тој исто така спомена дека американските маринци го усвоиле изразот „gung-ho“ (ганг-хо) од Кина, истакнувајќи дека на кинески тоа значи „работа заедно“.

На крајот, тој изјави дека тој и кинескиот претседател ќе продолжат да соработуваат.

Претходно денеска, Трамп и неговата сопруга Меланија го пречекаа кинескиот претседател Си Ѓинпинг пред Белата куќа, на почетокот на неговата државна посета на САД. Трамп и воен оркестар ја пречекаа колоната возила со кинескиот претседател и неговата сопруга Пенг Лијуан пред Белата куќа; четворицата потоа накратко позираа за фотографии на црвениот тепих пред да влезат во зградата, пренесува „Скај њуз“ (Sky News).

Билатералните разговори меѓу претседателите на САД и Кина ќе се одржат во текот на следните неколку часа.

Си Ѓинпинг пристигна вчера во тридневна државна посета на САД, за време на која ќе ја посети Белата куќа за свечена вечера на која ќе присуствуваат бројни претставници од технолошкиот сектор, пренесува „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ