Централната банка на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ги забрани трансакциите меѓу филијалите на „Банк Мели“ (Bank Melli) и нејзината матична банка во Иран, по најавата на САД за планови целосно да се изолира иранската економија. На иранската банка повеќе не ѝ е дозволено да врши финансиски трансакции кон или од Иран, соопшти вчера Централната банка. Забраната се однесува и на трансферот на пари и на финансирањето на трговски трансакции.
Централната банка на ОАЕ ја обвинува „Банк Мели“ за кршење на прописите поврзани со спречување перење пари, финансирање тероризам и ширење оружје за масовно уништување, се наведува во соопштението. САД неодамна најавија нови санкции чија цел е целосна изолација на иранската економија.
Мерките вклучуваат секундарни санкции против земји и организации кои продолжуваат да соработуваат со Иран, со фокус на дигиталните средства, технологијата, златото, авијацијата и поморскиот транспорт. До неодамна, ОАЕ беа клучен центар за глобалните финансиски и трговски активности на Иран, но во август ги суспендираа сите трговски и финансиски трансакции со Техеран.
Уште кон крајот на јуни, иранскиот трговски претставник Мохамад Садег Ганадазех изјави за новинската агенција ИРНА дека трговијата со ОАЕ постепено се обновува, изразувајќи надеж дека таа ќе се врати на нормалните нивоа од пред војната. Со децении, Дубаи служеше како де факто логистички мост меѓу Иран и глобалните пазари, објави „Техеран Тајмс“ (Tehran Times) на почетокот на мај. Под превезот на легална трговија, ОАЕ станаа главен канал на Техеран за заобиколување на меѓународните санкции.
Официјалните податоци покажуваат дека во последните години вредноста на трговијата меѓу Иран и ОАЕ – без нафтата – достигнала речиси 30 милијарди долари, објави „Техеран Тајмс“ минатиот месец. Според извештајот, најголемиот дел од оваа вредност отпаѓал на реекспорт на западна технологија, машини, стоки за широка потрошувачка и индустриски суровини од Дубаи кон Иран.
Според некои проценки, таквите деловни активности носеле десетици милијарди долари годишно за Обединетите Арапски Емирати; на врвот на оваа трговија, повеќе од 80 отсто од иранскиот поморски увоз минувал низ пристаништето Џебел Али, истакна „Техеран Тајмс“. Трговските компании во слободните зони во Дубаи изградија целосни деловни системи насочени кон снабдување на иранскиот пазар, искористувајќи предности како што се краткото растојание по морски пат, воспоставените банкарски мрежи – и покрај нивната ранливост на западните санкции – и политичката стабилност, забележа весникот „Техеран тајмс“, пренесе „Хина“.












