Намалувањето на бројот на американски војници низ Европа, што го спроведува администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, ќе биде помало отколку што стравуваа европските сојузници; се очекува повлекување на вкупно околу 5.000 војници, објави денеска „Блумберг“, повикувајќи се на добро информирани извори.
Изворите наведоа дека најголемиот дел од ова намалување од 5.000 војници ќе се однесува на Германија. Во меѓувреме, европските земји-членки на НАТО стравуваа дека Пентагон би можел да повлече дури 25.000 од приближно 80.000 американски војници кои моментално се стационирани во Европа.
Изворите исто така напоменаа дека конечната одлука ќе ја донесе Трамп, кој во повеќе наврати остро ги критикуваше европските членки на НАТО поради тоа што не ги поддржаа Соединетите Држави и Израел во војната против Иран.
Се очекува Елбриџ Колби, потсекретар за одбрана за политика, да достави официјален извештај за предложените промени до американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет. Во септември, генералот Алексус Гринкевич – кој ја извршува функцијата и на Врховен сојузнички командант за Европа и на командант на Европската команда на САД – достави неколку можни сценарија на разгледување до тимот на Колби.
Се очекува Хегсет да му ги претстави конечните препораки на Трамп на 1 декември.
„Америка не може да се грижи за одбраната на Европа повеќе отколку што тоа го прават нашите сојузници, ниту пак може да троши повеќе пари за тоа“, им рече Хегсет на сојузниците од НАТО претходно оваа година, најавувајќи ревизија на бројот на американски војници стационирани во Европа.
Воените операции на САД против Иран во голема мера се потпираа на европските воени бази и на можноста за прелет преку територијата на сојузничките нации.












