сабота, ноември 14, 2026
Дома СВЕТ Најголеми протести досега во Португалија: Десетици илјади луѓе маршираа во повеќе од...

Најголеми протести досега во Португалија: Десетици илјади луѓе маршираа во повеќе од 30 градови против вртоглавиот раст на трошоците за домување

16
Фото: EPA/RUI MINDERICO

Десетици илјади луѓе маршираа во над 30 градови низ Португалија, во рамките на најголемите протести досега против вртоглавиот раст на трошоците за домување – тренд поради кој купувањето или изнајмувањето дом стана недостапно за огромното мнозинство од населението.

Кризата со домувањето предизвика повеќенеделни демонстрации, при што некои активисти поставија кампови на главните градски плоштади во Лисабон и Порто. Полицијата за разбивање демонстрации, користејќи и кучиња, растера дел од овие собири – постапка која, според агенцијата АП, предизвика обвинувања за употреба на прекумерна сила.

Овие протести беа инспирирани од демонстрациите што започнаа минатиот месец во соседна Шпанија, кои исто така беа фокусирани на недостигот од достапни станови.

Денешните протести во Португалија се одржаа под слоганот: „Нема да дозволиме да ни го украдат правото на домување“. Учесниците – од тинејџери до пензионери – носеа големи транспаренти и знамиња.

Активистите бараат ограничување на зголемувањето на кириите, посилна правна заштита за станарите од присилни иселувања, како и зголемување на понудата на достапни станови.

Статистичките податоци покажуваат дека цените на недвижностите во Португалија растат значително побрзо од приходите на граѓаните.

Според податоците објавени минатата недела од „Еуростат“, Португалија го забележала најголемиот јаз помеѓу цените на недвижностите и приходите во цела Европска унија во периодот од 2015 до 2025 година – разлика што достигнува дури 61 отсто. На второто место се наоѓа Холандија, каде што овој јаз изнесува 34 отсто.

Сепак, засега нема знаци дека растот на трошоците за домување ќе забави. Како што објави Националниот институт за статистика минатиот месец, цените на становите се зголемиле за речиси 20 отсто во периодот помеѓу првиот квартал од минатата година и првиот квартал од оваа година.

Според владините податоци, значително се зголемени и цените за изнајмување, кои од 2020 година пораснале за дури 68 отсто.

Португалскиот претседател Антонио Жозе Сегуро – чија улога е главно церемонијална, но сепак носи политичко влијание – го свика Државниот совет за да разговара за протестите, а во петокот се сретна и со дел од демонстрантите, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ