четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ Трамп бара помош од Кина за отворање на Ормутскиот Теснец, ЕУ и...

Трамп бара помош од Кина за отворање на Ормутскиот Теснец, ЕУ и ОН предлагаат решение како за житото од Украина

195

Трамп сега ги повикува и другите нации, вклучувајќи ги Франција, Јапонија, Јужна Кореја и Велика Британија, да соработуваат во обезбедувањето на теснецот, но се чини дека Кина има малку поттик да се согласи со неговите барања, пишува Си-ен-ен. – Трамп е осамен во светот овие денови, никој навистина не го поддржува. Тој навистина го вознемири светот со војната во Иран и е во прилично тешка позиција – вели Хенри Хуијао Ванг, претседател на Пекиншкиот центар за Кина и за глобализација

Американскиот претседател, Доналд Трамп, бара помош за отворање на Ормутскиот Теснец на сите страни, па и онаму каде што се знае дека нема да ја добие.

Две недели пред клучниот самит во Пекинг, каде што треба да се решат важни спорови меѓу САД и Кина, тој постави нов услов за преговори: помош за повторно отворање на Ормутскиот Теснец. Трамп сега ги повикува и другите нации, вклучувајќи ги Франција, Јапонија, Јужна Кореја и Велика Британија, да соработуваат во обезбедувањето на теснецот, но се чини дека Кина има малку поттик да се согласи со неговите барања, пишува Си-ен-ен.

За да изврши дополнителен притисок врз Кина, во интервју за „Фајненшл тајмс“ објавено во неделата, Трамп рече дека сака да знае дали ќе обезбеди Кина помош пред неговата планирана средба со кинескиот лидер, Си Џинпинг, на крајот од месецов. Тој додаде дека без одговор, можеби ќе го одложи своето патување.

– Соодветно е оние што имаат корист од теснецот да помогнат да се осигури дека нема да се случи ништо лошо таму. Мислам дека и Кина треба да помогне – рече Трамп.

Со ова, Трамп бара од Кина да ги ризикува сопствените воени ресурси во војна што ја почнаа САД против нација пријателски настроена кон Пекинг и се заканува дека ќе ја прекине дипломатијата ако не се согласи. Сепак, Кина е во подобра позиција од остатокот од Азија за да ја преброди долготрајната енергетска криза. Во последните неколку години, Пекинг се подготвуваше за таков нафтен шок со складирање сурова нафта, диверзификација на увозот и со инвестирање милијарди во чиста енергија како што се ветрот, соларната енергија и електричните возила. Си-ен-ен,  исто така, објави дека Иран размислува да дозволи да поминат некои танкери низ теснецот ако се продава нафтата во кинески јуани.

– Кинезите би можеле да речат: „Добро, да почекаме“. Со оглед на тоа што се стратешки доста безбедни, би имале простор за маневрирање – рече Берт Хофман, професор на Институтот за Источна Азија при Националниот универзитет во Сингапур.

Војната, за која и американските и израелските претставници рекоа дека ќе трае со недели, го засени самитот во Пекинг. Во исто време, Трамп се соочува со домашен отпор поради зголемувањето на цените на горивата, бидејќи нападите врз енергетската инфраструктура на Иран ескалираат. Во Кина, веста за конфликтот е проследена со доза на злоба.

– Трамп е осамен во светот овие денови, никој навистина не го поддржува. Тој навистина го вознемири светот со војната во Иран и е во прилично тешка позиција – вели Хенри Хуијао Ванг, претседател на Пекиншкиот центар за Кина и за глобализација.

И Европската Унија е во потрага за решение за да продолжи протокот на нафта. Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, информира дека разговарала  со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, за ослободување на транспортот на нафта и гас преку Ормутскиот Теснец по моделот на договорот што обезбеди извоз на жито од Украина во текот на војната, објави „Ројтерс“.

Калас рече дека затворањето на теснецот е „навистина опасно“ за снабдувањето со енергија во Азија , но, исто така, претставува проблем за производството на ѓубрива.

– Ако има недостиг од ѓубрива оваа година, ќе има недостиг и од храна следната година – предупреди таа, но не даде дополнителни детали.

Иран ефикасно го затвори Ормутскиот Теснец, додека американско-израелската војна против Исламската Република влезе во својата трета недела. Иранските сили нападнаа бродови во тесниот канал меѓу Иран и Оман, блокирајќи една петтина од светските резерви на нафта, што е најголемо нарушување досега.

ИЗДВОЕНИ