Германија, погодена како и остатокот од Западна Европа од невиден бран на високи температури, годинава го бележи најсмртоносното лето досега, со околу 14.000 смртни случаи поврзани со топлотните бранови, покажуваат привремените проценки објавени во четвртокот.
Податоците на германскиот Институт „Роберт Кох“ (RKI) се однесуваат на периодот до 9 август, пренесува АФП.
Климатските промени предизвикани од човековите активности ги прават топлотните бранови поинтензивни и почести.
Летото сè уште не е завршено, а Германија, најнаселената земја во Европската Унија со околу 82 милиони жители, веќе го надмина претходниот рекорд од 2018 година, кога биле регистрирани околу 8.900 смртни случаи поврзани со екстремните горештини.
Франција и Шпанија во средата и четвртокот објавија привремени податоци за зголемената смртност во периодите со високи температури. Париз извести за околу 7.300 смртни случаи, додека Мадрид за околу 4.500.
Како и во другите европски земји, најпогодени во Германија биле лицата на возраст од 75 години и постари, наведува Институтот „Роберт Кох“ во својот неделен извештај.
Според институтот, околу 9.600 од вкупно 14.000 смртни случаи поврзани со горештините се случиле од 22 до 28 јуни, кога во Германија биле измерени особено високи температури.
Во тој период биле регистрирани рекордни температури, кои на некои места надминале 41 степен Целзиусов.
Бројот на смртни случаи поврзани со горештините е проценет со помош на статистички методи. Бил спореден бројот на смртни случаи во летните недели со топлотни бранови со смртноста во периодите без такви екстремни температури.
Овој пристап е неопходен бидејќи топлината не може секогаш да се наведе како директна причина за смрт на умреница и затоа не се појавува во официјалните статистики.
Горештините ретко предизвикуваат директна смрт, како што е случајот, на пример, со топлотниот удар. Во повеќето случаи, смртта е резултат на комбинација од високите температури и претходно постоечки заболувања, како што се кардиоваскуларни, белодробни или бубрежни заболувања. Затоа се користи терминот „смртни случаи поврзани со горештините“.
Во интервју за германскиот весник „Rheinische Post“ во четвртокот, поранешниот министер за здравство Карл Лаутербах изјави дека бројот на смртни случаи поврзани со горештините е „потценет“, нагласувајќи дека Институтот „Роберт Кох“ применил „прилично претпазлива методологија“.
Сепак, медицинскиот експерт го бранеше пристапот на RKI, оценувајќи дека тој е „целосно оправдан“ бидејќи овозможува добро да се прикажат релативните промени во смртноста.
Лаутербах, член на Социјалдемократската партија (СПД), се согласи со членовите на својата партија кои минатата недела предложија заштитата на природата и адаптацијата на климатските промени да бидат внесени во германскиот Устав како „заедничка задача“ на германските власти.
„Ефикасната заштита од горештините чини пари“, изјави Лаутербах, оценувајќи го предлогот на своите сопартијци како оправдан. СПД е помал партнер во владата на конзервативниот канцелар Фридрих Мерц.
Лаутербах ги повика партиите ЦДУ и ЦСУ, кои засега се воздржани, да го поддржат предлогот, за кој е потребно двотретинско мнозинство во германскиот парламент.












