Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ, продолжува да доминира во НБА-лигата. Тој одигра уште еден фантастичен натпревар и со 40 поени ги предводеше Лос Анџелес Лејкерс до победа над Сакраменто Кингс со 116:103.
За „езерџиите“ ова беше седма победа на деветтиот натпревар сезонава, а Дончиќ повторно покажа дека се наоѓа во неверојатна форма. Неговиот учинок го смести во друштво на најголемите легенди на НБА лигата, бидејќи стана првиот кошаркар по Мајкл Џордан и Вилт Чемберлен кој постигнал повеќе од 300 поени на првите осум натпревари од сезоната.
Дончиќ досега има 308 поени, со што го надмина учинокот на Мајкл Џордан од сезоната 1988/89, кога легендарниот Американец во првите осум натпревари постигна 303 поени. Сепак, апсолутниот рекорд и понатаму му припаѓа на Вилт Чемберлен. Легендарниот центар во сезоната 1962/63 постигна неверојатни 418 поени на првите осум натпревари, бројка која и денес изгледа недостижно.
Кај Сакраменто најефикасен беше дебитантот Дариус Акуф Џуниор со 22 поени и 12 скока. Зак Лавин додаде 21 поен, додека Домантас Сабонис натпреварот го заврши со 16 поени и 17 скока.
Кошаркарите на Денвер Нагетс забележаа убедлива победа над Торонто Репторс со 128-109 во НБА лигата, а повторно во центарот на вниманието беше српскиот ас Никола Јокиќ.
Јокиќ уште еднаш покажа зошто е еден од најдобрите кошаркари на денешницата, завршувајќи го натпреварот со 32 поени, 11 асистенции и 10 скока. За српскиот центар ова беше трет „трипл-дабл“ сезонава, вкупно 201-ви во кариерата, а дури 90-ти што го остварил уште во третата четвртина. Покрај него, одличен настап имаше и дебитантот Брајс Хопкинс, кој од клупата постигна рекордни 18 поени во својата досегашна кариера.












