Иако по заклучувањето на периодот во е-дневникот оценките веќе не можат да се менуваат, родители и наставници тврдат дека притисоците за повисоки оценки се преселиле пред нивното заклучување. МОН ги повикува граѓаните сите сомнежи да ги пријават до Државниот просветен инспекторат. Во учебната година, во е-дневникот се внесени повеќе од 29 милиони оценки. Новите правила ја ограничуваат можноста за нивна корекција, но останува дилемата дали дел од петките се обезбедуваат уште пред системот да се затвори
Во учебната година што е зад нас, во електронскиот дневник се ставени повеќе од 29 милиони оценки во македонските основни и средни училишта, но колку од нив се навистина заслужени е прашањето што го поставуваат родители на социјалните мрежи, споделувајќи сомневања дека старата практика за поправање оценки со врски не е искоренета. Така, мајка на средношколец објавувајќи го свидетелството со сите петки и три четворки, го пренесува разочарувањето на успешниот ученик: „За некојси таму Марко, кој од десет единици ,помина добар. Цела година му викаа на полагање ќе заврши, не знае таблица множење, не па нешто повеќе. Не, не, вакви неправди не трпам, и крај. А мене не ми поправиле ни една четворка. Ни една. Барем една, ете биологија пример. Барем еднаш да ми попуштеа“, пишува разочараниот родител под чија објава во коментари други споделуваат слични искуства.
Така, друг родител од Струга споделува случај на поправање на оценки на ученик чија мајка била учителка во истото училиште. „ Министерке, пуштете инспекција во Струга, клиентелизмот е на високо ниво“, порачуваат родители во објавата на „Фејсбук“.
Дека појавата „фаќање врски“ од која било природа, пријателска, роднинска, партиска, останува вкоренета практика што го доведува во прашање принципот на еднакво и објективно оценување, на крајот на школската година потврди професорка на една скопска гимназија.
„На 10 јуни да не сте ни во кожа! Повици, пораки, нарачки и музички желби за поголеми оценки. И кога ќе ги наштелуваме, оркестарот пак свири фалш. Ни нема спас сѐ додека тераме амбициозна уписна политика, зависна од оценките.
Приемен на факултет, за да ни олесни на сите“, сподели професорката.
Свое слично искуство сподели и вработена во основно образование.
„Иста песна, различен оркестар и во основното образование. Кај нас, притисоците за петки одат до уцени и закани, иако во средните училишта нема приемен освен во исклучоци, ама, ете, петки по секоја цена мора да се ставаат и така за туѓи поправаме, за своите не сме помолиле, а најстрашно што притисокот е најмногу од родители кои цела година не се ни појавиле во училиште да прашаат за своето дете“, сподели наставничка од основно училиште.
Во Министерството за образование се запознаени се со дел од објавите на социјалните мрежи и ги охрабруваат сите оние што имаат сомнеж за практиката „повеќе петки за одличен просек“ да дојдат и да пријават кај Просветниот инспекторат. Уверуваат дека со новите правила за е-дневникот, по заклучување на тромесечен период, не се дозволува корекција на оценките. Имало обиди со барања, но биле одбивани, единствено доколку немало издржана причина за тоа.
„Во изминатиот период беа доставени повеќе барања за бришење или корекција на оценки по истекот на предвидениот рок за барања за направени технички грешки. Меѓутоа, таквите измени не се дозволени бидејќи по затворањето на периодот, системот е заклучен. Ова решение е воведено со цел да се обезбеди транспарентност и интегритет на процесот на оценување и да се спречат последователни измени на оценките за тримесечје со цел влијание врз конечната годишна оценка. Согласно со насоките на Биро за развој на образованието, корекција на годишна оценка е дозволена исклучиво по поднесен приговор и донесена одлука на наставнички совет, при што во системот задолжително се прикачуваат изјава и соодветна документација што ја оправдува измената. Со оглед на тоа што по заклучувањето на периодот, како и по одржувањето на наставничките совети, не постои можност за корекција на оценките за тримесечје, наставниците се должни да посветат особено внимание при внесувањето и заклучувањето на оценките, велат од МОН за весникот ВЕЧЕР и додаваат дека Просветниот инспекторат има пристап до е-дневник и може да изврши увид во сите внесени податоци.
И точно со реформата што ја воведе министерката за образование, Весна Јаневска, откако ќе се заклучи периодот во е-дневникот, оценката веќе не може да се брише или менува. Системот не дозволува дополнително „поправање“ на оценките, ниту од наставникот ниту од директорот. Тоа им беше пренесено на родителите уште на стартот на школската година, со сугестија, од дел од наставниците, дека родителите ќе мора сами да си ја завршат работата кај секој наставник посебно. Наставничкиот совет веќе не ја одредува крајната оценка по предмет. Тој ја разгледува состојбата со успехот, но не може на седница да ги „покачува“ или „намалува“ оценките како што тоа беше практика во минатото. По ова останува прашањето: се внесуваат ли нови оценки непосредно пред заклучувањето без реална проверка на знаењето? (П. А.)












