вторник, ноември 17, 2026
Дома СВЕТ „Вратете ги мандатите“: Маѓар ги повика пратениците на Орбан откако беа откриени...

„Вратете ги мандатите“: Маѓар ги повика пратениците на Орбан откако беа откриени речиси 20 милиони долари во готовина

0
EPA/ROBERT HEGEDUS

Во понеделникот, Петер Маѓар ги повика пратениците од владејачката партија Фидес и од Христијанските демократи да поднесат оставки, откако властите открија речиси 20 милиони долари во готовина. Откритието е направено во рамките на истрага за сомневање за поткуп, во која е вмешан поранешен министер од владата на Виктор Орбан, пренесува Ројтерс.

Во говорот пред парламентот, Маѓар изјави дека овој случај е само „врвот на ледениот брег“ и вети дека ќе ја продолжи борбата против корупцијата. На априлските избори, тој му се спротивстави на Орбан – кој беше на власт 16 години – ветувајќи дека ќе ги истражи наводите за корупција што се случиле за време на неговиот мандат.

Во петокот, властите открија речиси 20 милиони долари во готовина за време на истрагата против Миклош Шестак, кој служеше како министер за развој во владата на Орбан од 2014 до 2018 година. Според Ројтерс, дел од парите биле пронајдени закопани во шуми или скриени во земјоделски објекти и магацини.

Ова е најновиот случај во низата истраги за корупција во кои се вклучени функционери од администрацијата на Орбан. И друг поранешен министер, како и поранешниот гувернер на централната банка, Ѓерѓ Матолчи – двајцата сојузници на Орбан – се соочија со обвинувања за корупција, и двајцата ги негираат обвиненијата.

„Ако ви останало барем малку чесност, ве повикувам да соберете храброст, да му се извините на унгарскиот народ и да ги вратите своите мандати“, рече Маѓар во парламентот, пред дебатата за буџетот за 2027 година.

Од партијата Фидес претходно на Фејсбук изјавија дека се надеваат оти Шестак не е поврзан со пронајдените пари. Шестак негираше дека сторил нешто незаконско, а Орбан ги отфрли наводите за корупција.

Јанош Бока, шеф на пратеничката група на Фидес, изјави дека секаква злоупотреба на јавните средства е неприфатлива и дека одлуката треба да ја донесе независен суд. Бенце Ретвари, пратеник од редовите на Христијанските демократи, изјави дека неговата партија ја отфрла осудата на Маѓар, за која тврди дека се заснова на принципот на „колективна вина“.

Сликите од куповите готовина што ги открија властите вознемирија многу Унгарци, во време кога економијата се мачи да закрепне по години стагнација.

„Бев запрепастен кога ги видов сите тие милијарди форинти ископани во шумата. Како земјата да живее во некоја научно-фантастична приказна“, изјави еден жител на Будимпешта.

Според анкетата на „Центарот 21“, објавена во понеделникот, партијата „Тиса“ на Маѓар ужива поддршка од 65 отсто од гласачите кои се одлучиле за кого ќе гласаат, што е пораст од 60 отсто во септември. Поддршката за „Фидес“ паднала од 26 на 24 отсто. Агенцијата „Медијан“, која претходно точно го предвиде исходот од априлските избори, минатата недела објави дека поддршката за „Тиса“ пораснала од 54 на 55 отсто во споредба со септември, додека поддршката за „Фидес“ опаднала од 22 на 16 отсто.

ИЗДВОЕНИ