Одбиен е првиот законски предлог министрите да може да имаат само едно – македонско државјанство, но прашањето за одземање на можноста за двојно државјанство на функционерите уште ќе чека на својот расплет. Парламентарното мнозинство денеска го одби предлогот на најголемата опозициска партија, СДСМ, со кој, преку промената во Законот за Влада, треба да се предвиди обврска владините министри да имаат само македонски пасош. Но, ова не значи ставање точка на идеите владините министри да имаат само македонско државјанство, бидејќи пратениците ги чека и расправа и одлучување за неодамнешниот законски предлог со кој тие веќе не би имале право на двојно државјанство. Овој предлог, зад кој стојат пратениците од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, веќе доби десетици амандмани, меѓу кои се и оние што предвидуваат обврската за поседување само македонски пасош да се прошири и на владините министри, но и на сите други избрани и именувани функционери. Бројните амандмани и најавите за филибастеринг практично го блокираа изгласувањето на оваа обврска, па сè повеќе се појавува и дилемата дали воопшто ќе се стави на дневен ред за расправа и гласање.
Еден предлог одбиен, што со претходниот?
Само 20 пратеници од присутните 84 вчера, во македонскиот Парламент, го поддржаа предлогот на опозицискиот СДСМ да се стави на дневен ред потребата од носење на промената еден пасош – еден министер. Социјалдемократите го поднесоа овој предлог независно од поднесените амандмани врзани за предлогот што се однесуваше само на пратениците.
– Пратеничката група на СДСМ предложи законот да биде компатибилен со законското решение за пратеници, односно членовите на Владата да имаат само едно државјанство, државјанство на Македонија. Ако се бара пратениците да имаат само македонско државјанство, тогаш истото правило треба да важи и за министрите. Односно, потребно е едно вакво законско решение со кое ќе предвидиме само државјаните на РС Македонија да бидат членови избрани за влада – изјави партискиот координатор, Оливер Спасовски, додавајќи дека во Владата има министри со повеќе државјанства.
Но, ваквиот истап на Спасовски немаше реакција кај пратениците од парламентарното мнозинство. Веднаш се прејде на гласање, по што одбиениот предлог беше тргнат од дневен ред. На ваквиот епилог, со соопштение, реагираше најголемата опозициска партија.
– Одбија да го прифатат предлог-законот на СДСМ за министрите, вицепремиерите и министрите во Владата да не може да имаат двојни државјанства. Одбивањето на законот ја разобличува целата лицемерна политика на ВМРО-ОКГ. Никого повеќе не може да излажат – потенцираа од СДСМ.
Сега останува да се види каква ќе биде судбината на предлогот за еден пратеник – едно државјанство, каде што СДСМ и другите опозициска партии, покрај другите, имаат предлози ограничувањето со едно државјанство да важи и за министрите, но и за сите други избрани и именувани функционери. Процедурата на усвојување на предлогот еден пратеник – едно државјанство запре во Парламентот откако независниот пратеник Бејџан Иљас и опозицискиот „Европски фронт“ предводен од ДУИ и СДСМ поднесоа околу 170 амандмани. Истовремено, се најави и блокирање на процедурата. По ова, парламентарното мнозинство реши да не го става на дневен ред овој предлог. Така, тој веќе со недели чека на расправа во Комисијата за политички систем, но не се става на дневен ред.
Во фиока чекаат 170. амандмани
– Не гледаме дека е целисходно да го ставиме предлогот на расправа и потоа таа веднаш да биде блокирана. Односно, потребно е да се повлечат поднесените амандмани, кои имаат цел да го блокираат изгласувањето – ни изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот Сали Мурат од коалицијата „Европски фронт“ ни рече дека тие се категорично против ваквиот законски предлог.
– Ставот на „Европски фронт“ е недвосмислен: овој предлог-закон е противуставен, правно неодржлив и политички анахрон. „Европски фронт“ е цврсто против неговото усвојување. Законот за државјанство категорично дозволува двојно државjанство. Тоа е право што им го гарантира државата на своите граѓани. Предлог-законот сега предвидува дека граѓанинот што го остварува тоа законско право не може да биде народен претставник. Со еден закон државата го дава правото, со друг го казнува неговото вршење. Освен ова, промената не може да се примени на актуелните пратеници, бидејќи Уставот предвидува апсолутна забрана за ретроактивно дејство на законите, на штета на граѓаните – потенцира пратеникот Сали Мурат во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Тој додава дека станува сè поочигледно дека парламентарното мнозинство не сака да ги разгледува поднесените амандмани. А тоа значи дека и судбината на предлогот станува неизвесна.
Меѓу 170. амандмани поднесени од интегративците и од независниот пратеник Бејџан Иљас има и суштински, но и технички амандмани за одолговлекување на расправата. Дел од амандманите предложени од Иљас се, на пример, по донесувањето на измените на Законот за пратеници, односно пратениците да имаат само македонско државјанство, да мора да се усогласи со Изборниот законик за 30 дена. Со други амандмани, се бара усогласување за 72 дена, за 87, па за 103, 104, 118 дена итн. Или, пак, амандмани со кои се предлагаат различни датуми кога би можел да почне да се применува изменетиот закон. Така, се предлага примената да почне од 3 јануари 2040 година, 4 јануари, 14 јануари, 18 јануари 2040 година… Со дел од амандманите предложени од ДУИ, пак, се бара само македонското државјанство да се применува по истовременото влегување во сила на измените на Изборниот законик со кои условот за едно државјанство ќе биде воведен и во него.
Друг амандман предлага дека Собранието е должно во рок од 60 дена да поднесе предлог-законски измени со кои ќе биде воведен условот за едно државјанство и за претседателот на Републиката, за членовите на Владата, за судиите на Уставниот и на Врховниот суд, јавниот обвинител, народниот правобранител и директорите на државните агенции. Односно, дека до донесувањето на тие измени, условот за едно државјанство нема да стапи на сила ни за пратениците. (Б. Ѓ.)












