Телото на четвртото лице кое загина во судирот меѓу катамаран и едрилица меѓу островите Шолта и Брач е пронајдено во кабината на потонатата едрилица на длабочина од 50 метри, а според Министерството за море, транспорт и инфраструктура на Хрватска, сите жртви се чешки државјани.
Несреќата се случила кога во неделата се судриле патнички катамаран на хрватска компанија и едрилица под француско знаме, која потоа потонала. Во моментот на судирот, на едрилицата имало осум чешки државјани, додека на катамаранот имало 118 патници и седум членови на екипажот.
Четири лица од потонатата едрилица се спасени од морето и се пренесени во Сплитската клиничка болница со повреди, а според првичните информации, сите се надвор од животна опасност.
Надлежните органи започнаа истрага за да ги утврдат точните околности што довеле до судирот. Одборот за истрага на несреќи во воздушниот, морскиот и железничкиот сообраќај потврди дека започнува безбедносна истрага, а за тоа се известени и надлежните органи во Франција и Чешка.












