Новото истражување, во кое учествуваа повеќе од 35.000 луѓе ширум светот, покажува зголемена поддршка за глобална соработка и поголема доверба во меѓународните институции – иако не и во раководствата на САД и Кина, кои многумина ги доживуваат како закана – објави „Ројтерс“.
Истражувањето, нарачано од Фондацијата „Рокфелер“ и спроведено во 34 земји во периодот од 21 јули до 5 август, открива негативни ставови во однос на економијата и безбедносните предизвици, при што речиси 70 отсто од испитаниците изјавиле дека состојбата во светот се влошила во текот на изминатата година.
Само 38 отсто од учесниците изразиле уверување дека нивните национални економии ќе бележат подобрување во следните пет години; оптимизмот нагло опаднал во некои од најголемите светски економии – паѓајќи за 26 процентни поени на 50 отсто во Индија и за 16 процентни поени на 56 отсто во Кина.
И покрај распространетиот песимизам, 57 отсто од испитаниците изјавиле дека земјите треба да соработуваат за справување со глобалните предизвици – како што е безбедноста – дури и ако тоа подразбира правење компромиси со одредени национални интереси. Во минатогодишното истражување, таа бројка изнесуваше 55 отсто.
Истражувањето, објавено пред заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк следната недела, доаѓа по речиси седум месеци војна на Блискиот Исток, која ги наруши глобалните пазари на енергенси, го забави економскиот раст и ја поттикна инфлацијата. Самиот конфликт уследи по годината одбележана со царини што американскиот претседател Доналд Трамп ги воведе за стоки увезени од речиси секоја земја.
САД и Израел започнаа војна против Иран на 28 февруари, што го поттикна Техеран да го затвори Ормускиот теснец – воден пат низ кој минува една петтина од светската нафта. Конфликтот се прошiри и на други земји, вклучувајќи ги Либан, Јемен и Саудиска Арабија, придонесувајќи за раст на цените на нафтата.
Истражувањето покажа дека испитаниците не ги претпочитаат САД или Кина како глобални лидери; наместо тоа, 61 отсто изразиле поддршка за соработка меѓу нациите без вклученост на двете најголеми светски економии.
Канада, Јапонија, Австралија, ЕУ и Велика Британија уживаат доверба од мнозинството
Канада ја доби најголемата поддршка за водечка улога во меѓународните односи – 60 отсто – по што следуваат Јапонија (58 отсто) и Австралија (55 отсто). Европската Унија доби поддршка од 55 отсто од испитаниците, Велика Британија од 54 отсто, а Обединетите нации од 52 отсто.
Само 39 отсто од учесниците ја поддржуваат идејата САД да имаат водечка глобална улога, додека 37 отсто ја претпочитаат Кина. Ставовите кон Русија се уште понегативни, со поддршка од само 26 отсто од испитаниците.
Ерик Пелофски, потпретседател на Фондацијата „Рокфелер“, изјави дека резултатите од анкетата ја покажуваат глобалната веродостојност на пристапот на „средни сили“, за кoj се залага канадскиот премиер Марк Карни. Карни, исто така, ја опиша војната на Блискиот Исток како неуспех на глобалниот поредок.
„Анкетата одразнува длабока ерозија на глобалното лидерство“ на САД, рече Пелофски. „Луѓето дискутираат за решенија за глобалните проблеми и веќе не прашуваат што мислат Американците. Тоа е тежок удар.“
Ставовите значително се разликуваат меѓу земјите во развој и развиените земји: 53 отсто од испитаниците од земјите во развој го поддржуваат кинеското глобално лидерство, додека во побогатите земји таа бројка изнесува само 23 отсто. Во однос на Русија, оваа разлика изнесуваше 27 процентни поени, а за САД – 17 поени.
Пораст на довербата во глобалните организации
Што се однесува до довербата во меѓународните институции, забележан е пораст во споредба со минатата година: довербата во Светската здравствена организација се зголемила од 61 на 69 отсто, а во ОН од 58 на 62 отсто.
Довербата исто така пораснала за Светската банка (од 46 на 55 отсто), Меѓународниот монетарен фонд (од 43 на 51 отсто) и Меѓународниот кривичен суд (од 48 на 54 отсто). Дополнително, довербата во Светската трговска организација се зголемила од 50 на 57 отсто.
Ако се исклучат земјите од кои потекнуваат испитаниците, 42 отсто ја сметаат Русија за голема закана, во споредба со 34 отсто за САД и 30 отсто за Кина. Русија е посочена како најголема закана во 14 земји, при што највисоките проценти се забележани во Европа.
САД се доживуваат како најголема закана во 15 земји, при што највисоки бројки се забележани во Индонезија (73 отсто), Бразил (59 отсто), Мексико (58 отсто) и Турција (57 отсто).












