Повеќе од 12 години по тешката скијачка несреќа на француските Алпи, состојбата на легендарниот Михаел Шумахер и понатаму останува една од најголемите мистерии во светот на спортот. Неговото семејство строго ја чува приватноста, а информациите за неговото здравје се исклучително ретки.

Сепак, германскиот весник „Билд“ претходно објави интересни детали за неговата рехабилитација. Според извештајот, седумкратниот светски шампион бил возен во автомобил „мерцедес-АМГ“, со цел преку познатите звуци на моторот и возењето да се стимулира неговиот мозок и евентуално да се поттикнат сеќавањата од неговата тркачка кариера.

За Шумахер, кој со децении беше една од најголемите ѕвезди во Формула 1, звукот на моќните мотори претставуваше дел од секојдневието. Токму затоа ваквите активности наводно се дел од неговата специјализирана нега.

Според медиумските извештаи, за него се грижи медицински тим од околу 15 професионалци, кои му обезбедуваат постојана поддршка и медицинска нега. Неговата сопруга, Корина, има строги правила за посета, а меѓу ретките луѓе што имаат пристап до него се поранешниот шеф на Ферари, Жан Тод, и поранешниот тест-возач, Лука Бадоер.

Во документарниот филм на „Нетфликс“ од 2021 година, Корина првпат сподели дел од тешката реалност со која се соочува семејството.

  • Тој е поинаков, но е тука – изјави таа, нагласувајќи дека Шумахер продолжува со рехабилитацијата.

Неговиот брат, Ралф, исто така, зборуваше за трагичните последици од несреќата, признавајќи дека му недостига оној Михаел од пред несреќата.

Шумахер ја освои првата титула во Формула 1 во 1994 година, со Бенетон, а една година подоцна ја одбрани круната. Потоа следуваа историската доминација со Ферари и петте последователни шампионски титули од 2000 до 2004 година.

Иако семејството и понатаму не открива детали за неговата здравствена состојба, интересот за него не стивнува. Неговите достигнувања и наследството во Формула 1 остануваат неизбришлив дел од историјата на овој спорт.

ИЗДВОЕНИ