Ватикан денеска објави извадоци од приватниот дневник на папата Франциск, во кои се опишува неговата духовна криза, како и неговите размислувања за моќта и скандалите во рамките на Црквата.
Книгата, насловена „Приватниот дневник на папата Франциск“, се објавува ширум светот на неколку јазици. Уредник е еден од неговите најблиски соработници, кардиналот Виктор Мануел Фернандез – аргентински теолог кој раководи со ватиканската канцеларија за доктрина. Фернандез е наведен како автор бидејќи неговите коментари даваат контекст на записите во дневникот на Папата.
Дневникот бил воден во календар со кожни корици, кој Папата го користел како бележник. Записите започнуваат во 1992 година, кога Хорхе Марио Бергољо бил помошен бискуп во Буенос Аирес; продолжуваат низ периодот кога тој раководел со аргентинската престолнина, па сè до неговиот понтификат, при што последниот запис е од 18 август 2024 година.
Највпечатливите делови се однесуваат на описите на Франциск за неговите духовни маки и она што тој го нарекува „средби со ѓаволот“. Две такви искуства се случиле во Буенос Аирес, додека третото се случило по проблематичната посета на Чиле во 2018 година – патување кое остана запаметено по неговото првично отфрлање на тврдењата на жртвите на еден од најозлогласените злоставувачи во Чиле.
По враќањето од Чиле, Франциск иницираше истрага и заклучи дека жртвите ја говорат вистината, а дека тој самиот бил доведен во заблуда од страна на црковната хиерархија во Чиле. Во записот од 7 јуни 2018 година, тој напишал дека во чилеанскиот скандал „видел влез во пеколот. Паганско заведување во полн ек“. Според книгата, духовната криза започнала на 24 јануари 2021 година, во време на пандемијата на КОВИД-19, сериозни здравствени проблеми и превирања во Ватикан предизвикани од голема финансиска истрага што тој самиот ја одобрил. Неколку месеци подоцна, тој завршил во болница, каде што му биле отстранети 33 сантиметри од дебелото црево.
Фернандез пишува дека кризата била поврзана со односот на Франциск кон авторитетите, искушението на семоќта и чувството дека е надвор од овој свет. До 30 декември 2022 година, папата, според сопственото толкување, ја надминал кризата потпирајќи се целосно на Божјата благодат.
Во книгата се споменува и забелешката на Франциско за тогашниот кардинал Роберт Превост – денешниот папа Лав XIV – кого го опишал како „голем пастир, великодушен мисионер и беспрекорен човек“. Фернандез тврди дека Франциско му го покажал дневникот додека бил жив, а по неговата смрт на 21 април 2025 година, му ги доверил записите.












