четврток, јули 2, 2026
Дома КОЛУМНИ СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ – ЛЕКАР НА ДУШАТА И ТЕЛОТО НА ОВОЈ НАРОД...

СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ – ЛЕКАР НА ДУШАТА И ТЕЛОТО НА ОВОЈ НАРОД Бог го прославил како голем чудотворец што секакви болести и рани излекувал и демони изгонувал

29

Идната година се навршуваат 300 години откако во 1727 година, црковно-народниот собор на Охридската архиепископија решил празнувањето на свети Наум од денот на неговото упокојување 23 декември/5 јануари да се префрли на 20 јуни/3 јули. Причините за тоа се образложени во пастирската посланица на охридскиот архиепископ Јоасаф и 14 архиереи, од 21 мај следната 1728 година. Во оваа посланица се вели дека тоа е направено во интерес на верниците, зашто тогаш времето е зимно и луѓето тешко можеле да дојдат во манастирот и да се насладуваат од убавиот празник на светецот, а од друга страна, и најважно, е дека празникот на преподобниот наш отец Наум Чудотворец се случи, меѓу другото, да биде во предвечерните денови на Рождеството Христово, кога верниците се подготвуваат за празнување на големиот Господов празник – Божик.  Во оваа посланица, верниците, освен што се информираат за промената, се покануваат да дојдат во манастирот: „Затоа, секој што поседува срдечна и добронамерна побожност кон светителот, нека дојде на изворите на чудесата на светиот гроб, каде што лежат светите мошти, во неговиот свет храм, на источникот што блика исцелувања – да прими благодат и светост на телото и на душата, зашто чудата и благодатите на светиот и богоносен отец наш Наум – чудотворец, толку се многубројни, та ги надминуваат и множеството ѕвезди…“

Сведоштвата зборуваат дека отсекогаш празникот на свети Наум Чудотворец се празнувал со големи црковно-народни собири, со мноштво народ што од целата поблиска и подалечна околина како река се слевал во манастирскиот двор, во црквата и посебно до гробот на светецот, каде што се барало исцелување од најразлични болести. Свети Наум, и за време на животот и по упокојувањето, се покажал како голем чудотворец, ги чувал манастирот и манастирскиот имот, припитомувал диви ѕверови, го смирувал разбеснетото езеро, ги казнувал престапниците и сите што со зла намера доаѓале во кругот на манастирот, ги лекувал сите што со верба му се обраќале без разлика на верска или национална припадност. Затоа останал запаметен како лекар на душата и телото на својот народ, како чудотворец што лекувал секакви болести и рани, а и демони истерувал од човековото тело.

Дека свети Наум народот го знае за лекар кој лекува душевно болни сведочат мноштвото преданија и легенди, а се споменува и во народните пословици. Така на пример, во Охрид се вели: „Кој за ум, кој за свети Наум“, а, пак, во Прилеп е забележана пословицата: „Ја ум, ја свети Наум“. Марко Цепенков, пак, кога ги набројува функциите на светците, вели дека свети Наум, свети Андонија и свети Спиридон !биле да лекуат улаите“.

Историските сведоштва кажуваат дека во кругот на манастирот постоела болница за душевно болни, дека во 1708 година била соѕидана куполеста ќелија (ѓавѓири) наречена болничка ќелија, или како што обично се нарекувала – болница. И Снегаров во своето дело „Манастирот ’Св. Наум’“ известува дека поранешниот (до 1662 г.) игумен на москополскиот манастир „Св. Јован Претеча“, Гаврил, станал игумен на манастирот „Св. Наум“ и во него подигнал болница. Дури и се нагласува дека „во двата пожара, единствено останала неоштетена и таканаречената ’болница’ (ѓавѓири) бидејќи беше градена од камен и со кубе“. Оттука не е ни чудно што свети Наум е насликан заедно со светите Врачи во Света Софија и во Богородица Пештанска (околу 1730) и на други места.

Во македонското народно творештво, значаен дел заземаат народните преданија и легенди. Можеби тие се најмакедонските народни умотворби бидејќи раскажуваат за содржини од македонското минато  и ја доловуваат атмосферата од минатите времиња. За свети Наум се забележани близу триста преданија од најстари времиња, па сè до денешни дни, што зборува не само за популарноста на свети Наум туку и за сè уште живата фолклорна традиција во овој крај.

Дека свети Наум, покрај другото, бил и исцелител (лекар), се зборува не само во преданијата туку и во пишуваните текстови како што се житијата, службите, молитвите итн. Така на пример, во „Службата за св. Наум“ на едно место се вели: „Купот на твоите мошти, прочуен Науме, извира исцеленија“, а на друго место: „Му пееме на Бога, што ни даде лечилиште за душите и на телата, Наума последниот дар од Бога Седржател.“

Во „Второто словенско житие на свети Наум“, се вели: „Бог, пак, го прослави него со големи чуда, и секакви болести и рани исцелува и бесови изгонува“  Во „Акатистот на св. Наум“ се пее: „Гледајќи Те како Божествен извор на многу чуда во нашата земја, преподобен оче Науме, бидејќи Ти уште за животот на земјата си имал власт да лекуваш болни, а особено по смртта, Господ Те прослави со многу чуда“. И во „Охридскиот митрополиски кодекс“, во поглавјето „Историски спомени на св. Климент и преподоб. Наум“ се вели дека заминал кај небесниот наградувач – Христос, а нам ни ги оставил своите свети мошти: „Оставајќи ни ги нам, на духовните чеда, своите свети и пречесни мошти, нетлено богатство и извор на исцелувања на сите кои со вера и благочестивост одат на неговиот чудотворен гроб“.

Впечатливи податоци за св. Наум како исцелител наоѓаме во „Молитва кон свети Наум Охридски исцелител на болни“: „Верен слуго Божји, Тебе Ти се даде благодат на Светиот Дух Божји: демони да изгонуваш, болни да лекуваш, слаби да подигнуваш, натажените да ги утешуваш и на луѓето да им помагаш во сите неволји. Заради тоа ние, иако недостојни, Те почитуваме тебе како духовна харфа преку која се излева небесната утеха на оние на кои им е потребна и восхитено го величаме Создателот Кој тебе, иако си човек, Ти дарувал таква Божја сила и богатство“.

Бидејќи молитвите се упатуваат кон светецот во врска со конкретни личности во ова служба уште се вели: „Светителе, оче наш Науме, слушни нè брзо и исцели го слугата Божји (се кажува името) со Твоите свети молитви за да не речат неверниците: каде е неговиот Бог. О свети и преподобен оче Науме, покажи ја силата што ти е дадена од Семоќниот Бог Господ и на овој слуга, како што си ја покажувал и досега на безброј болни и слаби и на оние што со вера и покајание и молитва доаѓаат на Твојот чесен гроб. Исцели му ги и оздрави му ги душата и телото, изгони го и исфрли го од него пакосникот на човечките тела – ѓаволот, закрепи го неговото тело со здравје и сила за да има во што да се подвизува и кае неговата душа, да се подготвува за царството небесно…“

Мистичната атмосфера за време на панаѓурите што се одржувале на празникот на светителот оставала впечаток на секој посетител, а посебно на странците за кои тоа претставувало несекојдневно доживување нешто што длабоко се врежувало во паметењето. Престојувајќи во ова свето место, тие забележувале многу детали од човечкото однесување кон светителот, но најголем впечаток им оставала желбата на луѓето да ја наслонат главата на гробот на светителот, или барем со раката или облеката да го допрат ова свето место, потоа молбите на болните за нивно исцелување и вербата дека светителот не ќе ги остави да страдаат.

Патописецот Камин Плат, кој низ Македонија патувал есента 1903 година непосредно по Илинденското востание, го посетил и манастирот „Свети Наум“, кој го опишува како „мал изолиран свет кој нуди небесен мир спокојство, кое станува сè попримамливо колку што човек останува подолго тука“. За основоположникот на оваа институција, свети Наум, Плат пишува дека бил „средновековен калуѓер, познат по својата голема верност, со текот на времето станал еден вид полубог за чии чуда селаните никогаш не престанаа да раскажуваат. Дури и денес се верува дека овој човек поседува чудотворна моќ, па затоа секоја година стотици болни и предани поклоници, од сите делови на Македонија, го посетуваат неговиот гроб, цврсто уверени дека ќе бидат излекувани“.

Патописецот Станислав Краков запишал дека „Уште од старо време, најголем ден за целиот охридски крај е 20 јуни, с. с. (3 јули), денот на празникот Свети Наум. Цела година се подготвуваат за оваа свеченост. Најубавото јагне и теле се гои за поклон на манастирот. И кога ќе дојде денот Свети Наум, во Охрид се затвора чаршијата. Рибарите седнуваат во своите чунови, селаните ги вјавнуваат коњите и од сите страни илјадници и илјадници пристигнуваат околу манастирот. Сè се претвора во голем логор, по цела ноќ горат огнови и ечи песна. Манастирот оживува.

Целото Охридско Езеро живее со своите светители, свети Наум, свети Еразмо и свети Климент и сето тоа е еден духовен центар. Како и свети Климент, така и свети Наум останал во народната душа жив и близок и подеднакво го почитуваат и Турците и Арнаутите и христијаните. Националноста се губи пред спомените на така големиот добротвор и учител; верувањето и мистиката овде се многу посилни и од народноста и религијата…“

Во споменот на народот, свети Наум останал запаметен особено како лекар на душевно болни. И на фреските во манастирската црква, а и во други цркви во Охрид и околината, се гледа како тој на болните им ги истерува демоните од устата. И преданијата, но и записите по манастирските книги, книгата за впечатоци, писмените обраќања и сл. сведочат за бројни случаи кога болни, со силата на светецот, се излекувале од тешки болести, а потоа доаѓаат да го даруваат, едни остануваат да служат во манастирот извесен период, други даруваат камбани, трети вртат јагне или теле, оставаат облека и други предмети во знак на благодарност.

Преданието сведочи дека еден душевно болен од Албанија го донеле во манастирот. Одел полугол. Одеднаш почнал да се облекува и да се срами. Кога го прашале како дошол при себе рекол: „Помина еден старец со брада. Двапати ми дувна во уста и се изгуби“.

Во 1900 година во манастирот имало некое момче од Епир. Било сосема лудо, по цел ден трчало, бладало, одбивало храна, одело речиси голо. Наеднаш застанало и почнало да гледа кон вратата на црквата. Откако ги истрило очите, луѓето во близина ги прашало: „Каде сум јас?“ Потоа им раскажало: „Јас бев во голем пламен. Пламенот ми одеше од појас нагоре до над глава. Целата глава ми беше во пламен. Ништо не гледав освен тој пламен. Но ете сега дојде пред мене еден старец, како свештеник, застана пред мене и дувна во пламенот. Сега веќе нема пламен. А старецот, ене, полека влезе в црква“. По неколку дена момчето само, сосема здраво си заминало од манастирот.

Според преданијата и легендите, св. Наум излекувал многу личности и од најразлични болести и уште за време на животот бил сметан за светец. Во повеќе преданија се раскажува дека на тој начин го добил и местото на кое го изградил манастирот. Во едно предание се раскажува дека на местото на денешниот манастир порано имало царски дворци, а св. Наум својата црква ја градел малку подалеку над селото Тушемишта. Царот имал болна ќерка која никој не можел да ја излекува. Кога св. Наум ја излекувал, царот му понудил сè што ќе посака, а св. Наум го побарал местото каде што биле царските дворци и тука го изградил својот манастир. Во друго предание се раскажува дека една вечер, св. Наум останал да ноќева кај некој богат човек кој бил многу несреќен зашто единствената ќерка што ја имал била ќелава. Св. Наум му рекол: „Ќе направам што ќе направам и утре, кога ќе станеш, ќерка ти ќе биде со коса“. Утрото ќерка му имала коса до земја. Богатиот човек му го поклонил местото каде што св. Наум го изградил манастирот, а луѓето го нарекле светец.

Натаму, преданијата раскажуваат дека излекувал шугава ќерка на еден феудалец, дека двајца муслимани боледувале од неизлечлива болест, отишле во манастирот, таму легнале на гробот од свети Наум и по неколку дена сосема оздравеле. Во знак на благодарност, двајцата муслимани му подариле камбана на манастирот.

Една жена од Прилеп долги години немала пород. Дошла на празникот и се молела. Следната година пред празникот, се породила. И друга жена што била од подалеку, долго немала деца. Ѝ се сонувало да дојде во Свети Наум. Донела подароци и се молела. Набрзо забременила. Девојчето го смета за дар од свети Наума.

Некој Албанец од Корчанско имал нема ќерка. По доаѓањето во манастирот, девојката почнала да зборува. Во друго предание, некоја мајка имала две глувонеми ќерки. На сон, свети Наум ѝ рекол да ги донесе во манастирот. Само што се наведнале над гробот на свети Наум, почнале да слушаат и да зборуваат.

Се раскажува и тоа дека момче болно од младешко лудило од некое мариовско село го оставиле цела ноќ врзано крај гробот. Заспало, а утрото се разбудило здраво. И некоја девојка од осми клас, полудела, и никаде не можеле да ѝ најдат лек. Најпосле им се сонило да одат во манастирот „Свети Наум“. Само што преспала на гробот, утрото станала здрава, весела и цела година му служела на манастирот. Болен Турчин од Охрид оздравел откако облекол кошула што цела ноќ стоела на гробот на свети Наум. „Само што ја облекол кошулата болниот Турчин оздравел“ се вели во ова предание.

Многу сведоштва за исцелителната моќ на свети Наум можат да се сретнат во „Книгата за впечатоци“, каде што многумина пишуваат дека идат за здравје и на манастирот му носат дарови. Интересно е што на свети Наум, верниците му се обраќаат и во писмена форма и ја бараат неговата помош. Многумина и од дијаспората во писма на светителот му ги кажуваат своите страдања и своите болести, барајќи помош.

Околу манастирот има многу лековити води: На Јазма, Св. Петка, Св. Атанасиј итн. Преданието вели дека кога свети Наум го изградил манастирот на сегашното место, многу народ доаѓал да бара помош. Не можејќи да превтаса, свети Наум се молел на Господа да му даде лек за сите болести. Господ ја послушал молбата и под манастирот од карпата се отворил извор со лековита вода од која се лекувале сите болести. За најмногу лековита вода се смета онаа од изворот На Јазма, (сега во Албанија). Преданието вели дека свети Наум најпрвин дошол кај овој извор и го благословил. Затоа, порано за празникот, но и по други поводи, свештеникот земал вода од овој извор за да ја освети водата во манастирот. Луѓе иделе, а и сега идат преку целата година кај овој извор, за здравје.

Лековита е и водата од изворот под карпата до самото езеро. Според едно предание, свети Наум му рекол на таткото на една девојка која немала коса да ја измие од таа вода на празникот Свети Константин и Елена. Девојката веднаш оздравела и ѝ пораснала убава и густа коса. „Оттогаш, на празникот свети Константин и Елена редовно идат луѓе да се  мијат со водата од изворчето под карпата на манастирот. Таа вода е лекојта и друг пат, ама на празникот најмногу“, заклучува народниот раскажувач.

Во Летописот на манастирот пишува дека некаде во втората половина на 19 век, над изворот „Свети Атанасија“ се изградила просторија со покрив. „Водата од овој извор, што и сега постои, служела за лекување болни. Со миење од водата на овој извор се лекувале луѓето што пателе од очни болести. Летописецот забележува дека многумина нашле спас од овој извор“. И во извештајот на францускиот вицеконзул Белег де Буга од 1856 година се вели дека „многу болни христијани, па дури и муслимани, доаѓаат тука да се излекуваат во водата на изворот, кој се смета за благословен“.

За многу години!

проф. д-р Марко Китевски 

 

ИЗДВОЕНИ