понеделник, јуни 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Тошковски вели дека криминалот е на најниско ниво досега, опозицијата побара оставка

Тошковски вели дека криминалот е на најниско ниво досега, опозицијата побара оставка

Одбележан Денот на полицијата

198

Со пригодна свеченост и со пораки за бескомпромисна борба против криминалот, Министерството за внатрешни работи го одбележа 7 Мај, Денот на македонската полиција. Министерот Панче Тошковски порача дека резултатите на МВР во изминатиот период покажуваат дека институциите повторно ја враќаат довербата кај граѓаните, нагласувајќи дека криминалитетот е на најниско ниво во последните две децении.

фото П.Стојановски

Според Тошковски, биле спречени 16 организирани криминални групи во кои дејствувале 205 лица, а во делот на борбата против корупцијата биле реализирани повеќе значајни постапки, вклучително и случаи од висок профил. Дополнително, биле разбиени и четири криминални групи поврзани со коруптивни дела.

– Вкупниот криминалитет бележи намалување и е на најниско ниво во последните 20 години. Ефикасноста изнесува 67,2 проценти, што е највисоко ниво во последните 20 години. Овие резултати имаат многу подлабоко значење од самата статистика. Тие се порака дека мора законот да важи подеднакво за сите, дека нема да отстапи државата пред криминалот и дека институциите повторно мора да бидат посилни од оние што мислат дека се над законот – истакна Тошковски.

Министерот посочи дека паралелно се работи и на модернизација на полицијата и на подобрување на условите за работа на полициските службеници. Потсети дека Бутел добил нова полициска станица, а наскоро се очекува во функција да биде ставена и новата станица во Аеродром.

Во рамките на модернизацијата, МВР набавило 120 нови службени возила, технолошки опремени и поврзани со новите системи на Министерството, а годинава повторно ќе започне со работа и средното полициско училиште.

Тошковски се осврна и на проектот „Безбеден град“, нагласувајќи дека системот веќе дава конкретни резултати во сообраќајот. Како пример ги посочи податоците за Скопје, каде што во април минатата година осум лица загинале во сообраќајни несреќи, додека овој април немало ниту една жртва.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, порача дека без доверба од граѓаните, не може да има долгорочна безбедност.

– Граѓаните не се само корисници на нашите услуги. Без доверба од граѓаните, нема долгорочна безбедност, а без соработка со заедницата, нема силна полиција. Нашата визија е силни улици, нулта толеранција за криминал и модерна, професионална и чесна полиција – изјави Јанев.

Од опозицискиот СДСМ, пак, обвинија дека полицијата е „понижена и партизирана“ со новиот Закон за МВР. Според партијата, наместо професионалци што со години се усовршувале и чесно ѝ служеле на државата, напредуваат кадри што доаѓаат „од улица или директно од партиските штабови на ВМРО-ДПМНЕ“.

– Жал ни е што овие политики фрлаат сенка врз чесните припадници на службата. Во последните две години, со Панче Тошковски во МВР, Македонија стана држава во која насилството е секојдневие: во училиштата, во домовите и на улиците – соопштија од СДСМ и побараа оставка од министерот.

ИЗДВОЕНИ