Покани од грчката полиција деновиве добивале етничките Македонци од околината на градовите Лерин и Воден во Грција, откако до полицијата биле доставени две пријави од грчки граѓани за пеење спорни песни на илинденската прослава во Овчарани, Леринско. Ова го објави Македонското движење за промоција на мајчиниот јазик „Крсте Мисирков“ од Грција, при што во објавата на нивната фејсбук-страница се наведува дека се работи за истрагата за наводното кривично дело.
– Во изминатите денови, некои Македонци добиваат полициски повици за да дадат исказ во рамките на истрагата по повод претставка поднесена од еден граѓанин против Македонци. Станува збор за колективна претставка која опфаќа 15 поединци и 2 организации. Доколку сте добиле повик, ве молиме известете нè преку пораките на фејсбук-страницата на непрофитната организација – се наведува во објавата на Македонско движење за афирмација на мајчиниот јазик „Крсте Мисирков“.
Ова Движење додава дека се работи за пријава поднесена од страна на двајца грчки државјани.
– Одлучно и колективно ќе одговориме на какви било самоволни постапки или обиди за заплашување на Македонците кои јавно зборуваат и пеат на македонски јазик! Откако ќе заврши претходната истрага, јавниот обвинител ќе го разгледа предметот и ќе одлучи дали да поведе формална кривична постапка (упатувајќи го предметот на судење или на формална судска истрага) или да го архивира предметот, доколку утврди дека нема доволно докази за сторени кривични дела – се наведува од страна на движењето „Крсте Мисирков“.
Грчкиот електронски портал „Е-птоломеос.гр“, минатиот месец, објави дека двајца грчки граѓани – Димитриос Џумацидис и Христос Циранидис – од Обвинителството во Лерин доставиле видеозапис од прославата на Илинден во Овчарани одржана на 19 јули. Овчарани (Мелити) е село во Леринско со претежно македонско население, па на прославата биле пеени бројни македонски песни на македонски јазик. Подносителите на пријавата, според објавата на грчкиот портал, од Обвинителството побарале да се утврди дали постои кривична или друга одговорност на лицата кои на видеото пеат песни. Посебно било спорно пеењето на песната „Александар, цар македонски“, која, според подносителите, содржи стихови што „ја искривуваат историјата и создаваат услови за поделба“. Оригиналот на оваа песна, инаку, е испеан од македонската пејачка Сузана Спасовска, а за подносителите биле посебно спорни стиховите на песната во кои се наведува дека „Александар е цар македонски… На прославата, оваа песна ја пееше ангажираната музичка група, а во пријавата било наведено и тоа дека учесниците правеле и гестови кои „може да се толкуваат како референца за отцепување на грчка Македонија“.
Обвинителството од Лерин досега не се огласило врзано за овој случај. Инаку, весникот ВЕЧЕР неодамна објави дека пеењето на народните македонски песни и играњето на ора од страна на македонското население во регионот на Лерин ги вознемирило и достоинствениците на Грчката православна црква, кои во тоа препознаа иредентизам и побараа интервенција на грчката држава. Леринскиот митрополит на ГПЦ, Иринеј, ја проблематизира илинденската прослава во Овчарани. Тој во интервјуто за грчкиот весник „Православна вистина“, упати строги пораки, обвинувајќи ги организаторите и учесниците за ширење иредентизам и внесување поделби. Во воведот на интервјуто беше наведено дека „песните на словенски јазик со иредентистичка содржина, изведени неодамна на селски фестивал во Флорина, предизвикаа силни реакции во локалната заедница“. Тој одбегна да ги именува граѓаните како Македонци кои пееле на македонски јазик и користи термини како „локална заедница и локален дијалект“.
Минатиот месец, и грчката пратеничка Аспасија Курупаки, која ја претставува политичката партија НИКИ, побара од грчката влада да спроведе истрага за прославата и други дејства на ова подрачје. Пред грчките судски органи во тек е и постапката по одлуката на Апелациониот суд во Кожани да го забрани дејствувањето на Центарот за македонски јазик, а за што сега треба да се изјасни и Врховниот суд на Грција.
(Б. Ѓ.)












