Свечено отворени 53. „Мајски оперски вечери“

86
Фото: Ѕ. Плавевски

Со палење на фестивалскиот оган и премиерна изведба на операта „Риголето“ од Џузепе Верди, вечерва во Националната опера и балет се отворија 53. „Мајски оперски вечери“.

Пред бројната фестивалска публика се изведува едно од најдраматичните оперски дела, „Риголето“ кое преку силна музичка и сценска интерпретација ги комбинира темите како љубов, моќ и одмазда.

Диригент е Џанлука Мартиненги, режисер Пјер Франческо Маестрини (двајцата од Италија), сценограф – Гилермо Нова од Шпанија, костимограф Кристина Ачети, исто така од Италија, а кореографијата е на нашата Саша Евтимова. Хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.

Како солисти во претставата настапуваат Леон Ким како Риголето, Марио Баг како Војводата од Мантова (двајцата од Јужна Кореја), потоа нашите Aна Дурловски како Гилда и Игор Дурловски како Спарафучиле. Во другите улоги се Николина Јаневска, Владимир Саздовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Александра Лазаровска-Василевски, Диме Петров, Марика Поповиќ и Десанка Глигоријевиќ, како и хорот и оркестарот на Национална опера и балет.

 

Операта во три чина, „Риголето“, е трагична сторија чие дејство се врти околу женкарот – Војводата од Мантова, неговиот грбав дворски шут Риголето и ќерката на Риголето, Гилда. Оригиналниот наслов на операта „La maledizione“ (Клетва) се однесува на клетвата фрлена врз Војводата и Риголето од дворјанин чија ќерка била заведена од Војводата, со помош од Риголето.

Клетвата се остварува кога се вљубува Гилда во Војводата и си го жртвува животот за да го спаси од убиецот најмен од татко ѝ.

ИЗДВОЕНИ