Седмо место на престижниот ликовен натпревар „Народен уметник“ меѓу 180.000 уметници, самостојна изложба со повеќе од 18 дела во Сарасота, групна изложба во Мајами, селекција за уметничкото шоу МВВО во хотелот „Валдорф Асторија“ во Њујорк, присуство на „Артси“ и „Саачи арт“, финалист на „Артавита“ за Ред дот Мајами, книга во печат и нов авторски проект „The Collective“ — 2026 година се профилира како пресвртна во американската кариера на македонската современа уметница Сања Чулаковска.

Чулаковска, која живее и работи во Флорида, во 2026 бележи серија професионални успеси што ја водат од Сарасота и Мајами до Њујорк, отворајќи ново поглавје во нејзиното меѓународно уметничко присуство. Еден од највпечатливите резултати годинава е нејзиното учество на ликовниот натпревар „Народен уметник“, каде што Чулаковска стигна до четвртфиналната фаза и го заврши своето учество на седмо место во конкуренција од околу 180.000 уметници. Во натпреварот таа беше и единствената македонска уметница, што на овој резултат му дава дополнително значење.

Следуваше интензивна изложбена активност во Флорида. Во Сарасота, Чулаковска реализираше самостојна изложбена презентација во „Ју-ес ВДС кастом“, каде што беа поставени повеќе од 18 оригинални дела, претежно во голем формат. Современиот дизајнерски простор ја постави нејзината уметност во директен дијалог со архитектурата, ентериерот и професионалната дизајнерска сцена. Отворањето на изложбата беше одбележано и со перформанс „лајв пејнтинг“, при што посетителите имаа можност непосредно да го следат нејзиниот начин на работа и процесот на создавање дело во голем формат. Професионалната траекторија продолжи и кон Мајами, каде што учествуваше на групна изложба во галеријата „Аура копеланд“, во рамките на настанот „Даунтаун Мајами арт вок“.

Од 21 до 27 септември, дело на Сања Чулаковска, пак, е претставено во рамките на арт-шоуто МВВО 2026, курирана меѓународна изложба во хотелот „Валдорф Асторија“ во Њујорк. Чулаковска е првата македонска уметница селектирана за оваа изложбена програма. Во Њујорк ќе биде претставена со делото „Collision Before Silence“, акрил на платно, 2026, со димензии приближно 152 × 122 сантиметри.

Селекцијата за Њујорк носи и дополнителна меѓународна видливост преку „Артси“, една од најпрепознатливите светски дигитални платформи што ги поврзува современата уметност, галериите и колекционерите. Истовремено, делата на Чулаковска се присутни и на „Саачи арт“, со што нејзиното творештво е достапно пред поширока меѓународна публика на колекционери и љубители на современото сликарство. Само неколку месеци по њујоршката селекција, пристигна уште едно меѓународно признание. Чулаковска е избрана меѓу финалистите на „Артавита“ во селекцијата поврзана со „Ред дот Мајами 2026“, кој ќе се одржи од 2 до 6 декември во Мана Вејнвуд, во периодот на Уметничката недела  во Мајами. Но 2026 за неа не е само година на изложби и селекции. Паралелно со сликарството, го проширува своето авторско дејствување и во областа на пишаниот збор. Нејзината книга „The Color – The Language of Life“ е веќе во печат. Книгата претставува личен и авторски поглед кон бојата, перцепцијата, меморијата, емоцијата и човечкото искуство, создаден од перспективата на уметник кој повеќе од две децении професионално живее со визуелниот јазик. Таа годинава развива уште еден авторски проект – „The Collective – Art • Fashion • Design • Music“. Првото издание е закажано за 26 септември 2026 во Сарасота, а концептот ги поврзува современата уметност, модата, дизајнот, фотографијата, музиката и локалната креативна заедница. Визијата е The Collective постепено да се развива како препознатлив креативен формат што во иднина би можел да се реализира и во други американски градови. Со тоа Чулаковска не ја гради само сопствената кариера како сликар туку започнува да создава и сопствен простор за поврзување на уметници, дизајнери, модни автори, фотографи и други креативни професионалци. Зад актуелниот американски подем стои професионално искуство градено повеќе од две децении.

Сања Чулаковска дипломирала на ФЛУ во Скопје, каде што се стекнала со звање професор по ликовна уметност. Речиси 20 години работела како конзерватор-реставратор во Музејот на град Скопје, каде што била ангажирана на заштита и реставрација на икони, фрески, штафелајно и современо сликарство. Денес живее и работи во Сарасота, каде што во своето студио создава дела во голем формат и ја продолжува својата професионална уметничка работа во САД. Нејзиното актуелно сликарство се движи во полето на современата апстракција и се препознава по големите формати, силната гестуалност, транспарентните слоеви, интензивната колористичка енергија и внимателно оставените пространства на тишина и празен простор. Во најновиот циклус „Between Matter and Light“, Чулаковска го истражува односот меѓу материјата и светлината, присуството и отсуството, движењето и мирувањето. Нејзината уметничка филозофија е содржана во една реченица: „Не сликам одговори. Создавам простор за прашања“. Таа сè повидливо се појавува на меѓународната уметничка сцена, а нејзината приказна сè повеќе излегува од рамките на индивидуален авторски пат и се претвора во приказна за градење меѓународно име, препознатлив авторски идентитет и долгорочно присуство на американската уметничка сцена. И каде и да изложува, Чулаковска нагласува дека се претставува како македонска уметница.

ИЗДВОЕНИ