Суд во Санкт Петербург денес ја забрани работата на ЛГБТ+ активистичката група „Coming Out“ и ја означи како терористичка организација.
Градските власти не ги открија деталите за тужбата поднесена против организацијата во јануари од страна на руското Министерство за правда, објави „Бета“.
„Coming Out“ работи од странство, а по забраната, организацијата објави дека ќе продолжи да им помага на членовите на ЛГБТ+ заедницата во Русија и да се бори за нивните права и покрај пресудата.
„Денес е особено важно да не се предаваме на стравот и да не бидеме сами. Нашата заедница е посилна од какви било етикети, а историјата го докажа ова“, соопшти организацијата.
Руската ЛГБТ+ заедница е под голем правен и јавен притисок повеќе од 10 години, а особено од почетокот на војната во Украина во 2022 година.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека Западот се обидува да ги уништи „традиционалните руски семејни вредности“ преку војната во Украина, застапувајќи ги правата на ЛГБТ заедницата.
Секое прикажување на хомосексуалците и трансродовите лица во позитивно или дури и неутрално светло оттогаш е забрането.
Во ноември 2023 година, Врховниот суд на Русија го прогласи наводното „меѓународно ЛГБТ движење“ за екстремистичка организација, изложувајќи го секој што е поврзан со заедницата на кривично гонење и потенцијално затворање.












