понеделник, јуни 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Судијката која му пресуди на синот, го ослободи таткото: „Нема кривични дејства...

Судијката која му пресуди на синот, го ослободи таткото: „Нема кривични дејства кај Зоран Јованов само поради тоа што е родител и сопственик на возилото“

579

Судијката Снежана Марковска, која му пресуди 12 години казна затвор на возачот Васил Јованов, кој со возилото ја усмрти Фросина Кулакова, го ослободи неговиот татко Зоран.  Таа, според соопштението на Судот, оценила дека во овој предмет, дејствата што му се ставаа на товар на родителот не ги исполнуваат законските обележја на кривичното дело загрозување на безбедноста на сообраќајот, по член 298 од Кривичниот законик.

Во образложението на пресудата се наведува дека кривична одговорност не може да се заснова единствено врз фактот дека обвинетиот е сопственик на возилото, додека со него управувало друго полнолетно лице без возачка дозвола. Судот оцени дека ваквото однесување е регулирано како прекршок во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и не може да се трансформира во кривично дело преку проширено толкување на законот.

Судот нагласи дека повторувањето на прекршочни дејства не создава нова кривична одговорност, доколку не се исполнети сите законски елементи на кривичното дело. Според пресудата, непосреден причинител на сообраќајната несреќа е возачот кој самостојно управувал со возилото. Во образложението се истакнува и принципот на индивидуална кривична одговорност, според кој последиците од постапките на едно полнолетно лице не можат автоматски да се префрлат на друго лице само поради роднинска врска или сопственост врз возилото. Пресудата не е правосилна, а странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд.

ИЗДВОЕНИ