„Страв и надеж“ на Македонскиот народен театар, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат е најдобрата претстава на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, одлучи тричленото жири на фестивалот. Жирито беше во состав: Снежана Коневски Руси, претседател и членовите Дарко Лукиќ и Аида Буквиќ.
-За мене комплетна претстава е „Страв и надеж“. Сите актери се подеднакво влучени во проектот заедно сосе музичарите. Едноставно видовме целокупна претстава. Како традиционалист, имам око и уво да видам што е тоа што ме допира и секој член од публиката и затоа го одделуваш од другите – рече Коневски-Руси, а Лукиќ додаде: „Гледавме на компактност на сите сегменти, изборот на текстот, односот на режијата кон елементите на претставата, употребата на сценографијата и костимографијата во контекст на претставата. Претставата на МНТ беше највпечатлива“.
Во претставата игра извонредна актерска екипа: Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.
Наградата за најдобра режија, пак, ја доби Дејан Пројковски за „Црнила“ според Коле Чашуле, на Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. Оваа претстава ги доби и наградите за костимографија на Марија Пупучевска, за сценографија на Валентин Светозарев, за млада актерка на Сара Спиркоска за улогата на Неда и за главна машка улога „Кирил Ристоски“ на Димитар Ѓорѓиевски за улогата на Фезлиев.
Награда за музика „Филип Стевановски“ отиде кај Ирена Поповиќ Драговиќ за музиката во претставата „Страв и надеж“. Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ се додели на Јеткин Сезеир за улогата на Амадеус во претставата „Амадеус“ во изведба на НУ Турски театар Скопје. Награда за женска епизодна улога се додели на Биљана Драгиќевиќ Пројковска за улогата на Марија во претставата „Мачкина глава“ во изведба на НУ Драмски театар Скопје, а за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ – на Александар Степанулески за улогата на Симон во истата претстава – „Мачкина глава“. Награда за главна женска улога се додели на Слаѓана Вујошевиќ за улогата на Констанца во претставата „Амадеус“ во изведба на НУ Турски театар Скопје.
Од 15-те награди, четири не се доделени: за рекламен материјал, за кореографија и сценски движења, за современа сценска драматизација и адаптација и за современ драмски текст.
Наградите на лауреатите ќе им бидат врачени вечерва во 19 часот во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Точно во 20 часот, во нивна чест ќе настапи Београдско драмско позориште со претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ.












