Австралискиот премиер Ентони Албанезе се извини за вулгарната шега споделена со министерот Крис Боуен – која беше фатена од микрофоните на самитот за климата COP31 во Турција – но нагласи дека никој не бил повреден или оштетен.
„Секако дека жалам за тоа. Се извинувам“, изјави Албанезе во неделата на Филипините, каде што отпатува по самитот, пренесува „Гардијан“.
Според австралиската новинска агенција ААП, премиерот се насмевнал додека разговарал со новинарите во Манила и го минимизирал значењето на инцидентот.
„Тоа беше приватен разговор – или барем така мислевме – меѓу двајца пријатели кои разменија шега. Никој не беше повреден ниту оштетен, не се шегувавме на туѓа сметка“, рече Албанезе.
Во неделата, опозицијата упати критики и кон премиерот и кон министерот. Опозицискиот сенатор Џејмс Патерсон изјави дека, иако за „разговори во соблекувална“ можеби постои соодветно време и место, меѓународните самити не се соодветното опкружување за тоа.
Тој сугерираше дека таквите шеги се за на приватна скара, а не пред собраните новинари на меѓународна конференција. Додаде дека не верува оти овој момент придонел за подобрување на глобалниот углед на Австралија.
View this post on Instagram
Опозицијата исто така изрази загриженост во врска со трошоците што ги сносат даночните обврзници за учеството на австралиската делегација на самитот.
Министерката Аманда Ришворт, од Лабуристичката партија, застана во одбрана на премиерот, опишувајќи ја размената како приватен разговор што се случил меѓу два состанока.
„Знам дека инцидент со вклучен микрофон е многу возбудлив за луѓето, но постојат многу позначајни прашања што треба да се решат“, рече таа. Таа додаде дека самитот послужил како можност за претставување на австралиските компании и привлекување инвестиции.
Албанезе и Боуен, министерот за енергетика, биле снимени додека чекале да започне тркалезна маса посветена на инвестициите во обновливи извори на енергија во Австралија. Албанезе го советувал Боуен да не го носи мобилниот телефон во џебот на градите. Кога Боуен спомнал дека веќе не го чува телефонот ниту во џебот од панталоните, премиерот го прекинал со вулгарно прашање поврзано со машкиот полов орган. Албанези, исто така, упати извинување претходно оваа година, во јули, откако во подкастот Bush Deep изјави дека би спиел со пејачката Кајли Миног.












