петок, септември 25, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Сточарите и земјоделците од Пелагонија излегуваат на протест

Сточарите и земјоделците од Пелагонија излегуваат на протест

22

Незадоволството кај сточарите и кај земјоделците поради доцнењето на дел од плаќањата и состојбата во секторот расте. Сточарите и земјоделците од Пелагонија за 30 септември најавија протест кај Тополчани, на патот Битола – Прилеп, со барање за исплата на заостанатите средства и поголема поддршка за производството.

Протестот, организиран од здруженијата „Пелагониско поле“ и „Фармери југозапад“, ќе почне во 11:00 часот и се очекува да трае околу час и половина.

Сточарите велат дека сè уште не им е исплатена премијата за предаденото млеко за периодот од јули 2025 година, а реагираат и за падот на откупната цена. Според нив, цената на млекото за една година е намалена од околу 33 на 23 денари за литар.

Од „Пелагониско Поле“ бараат земјоделците да бидат вклучени во креирањето на програмата за финансиска поддршка за 2027 година и зголемување на поддршката за сточарите. Бараат исплата од 250 евра од крава, наместо сегашните 8.000 денари.

Според процените наведени од познавачи на секторот, обврските за неисплатени премии за млеко за 2025 година изнесуваат околу 600 милиони денари, а за првите месеци од 2026 година – околу 500 милиони денари. Последната исплата на премијата беше во март, кога на 4.545 производители им беа исплатени 270 милиони денари за периодот јануари-јуни 2025 година.

Од друга страна, субвенциите за грло за 2025 година се исплатени. На крајот од август, на 4.284 одгледувачи на говеда им биле исплатени 372 милиони денари, односно 8.000 денари за грло.

Министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, неодамна изјави дека годинава се реализирани околу 90 проценти од предвидените средства за финансиска поддршка во земјоделството, односно околу 6,5 милијарди денари. Тој најави и засилени контроли на исплатата на субвенциите, поради утврдени неправилности и злоупотреби.

 

 

ИЗДВОЕНИ