По години во кои старите фасади, калдрмата и некогашниот еснафски дух ги чуваа спомените за едно поинакво време, Старата чаршија во Гевгелија повторно го доби својот препознатлив и автентичен лик. Заврши проектот „Реконструкција со реставрација на фасадите и партерно уредување на Старата чаршија во Гевгелија“.
За значењето на проектот за градот и за неговата историска вредност, пред медиумите се обрати градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој истакна дека Старата чаршија претставува историски белег на градот и е дел од културата на гевгеличани.
– Овој проект опфати повеќе фази: имавме изградба на целосна нова подземна инфраструктура – беа изведени нова атмосферска, нова фекална канализација и нова водоводна линија, со што беа обезбедени нови приклучоци за сите дуќани; беше заменета целата столарија; беше извршена реконструкција со реставрација на фасадите со задржување на некогашниот автентичен лик; беше извршено поплочување на партерот со гранитни плочи, а, исто така, беа поставени урбана опрема и модерно осветлување – истакна Сарамандов.
Тој посочи дека проектот е реализиран со државна финансиска поддршка и очекува обновениот простор повторно да стане место за средби на гевгеличани, но и нова туристичка содржина во градот.
– Верувам дека ова место ќе ги чува спомените од минатото и ќе биде една нова туристичка атракција – нагласи Сарамандов.
Тој рече и дека проектот за Старата чаршија, почнат во 2022 година, бил меѓу приоритетните програмски активности за Гевгелија и дека реализацијата била сложена и барала континуирана работа, особено поради постапките поврзани со заштитата на културното наследство, вклучително и конзерваторските активности спроведени во 2024 година. Сарамандов ја истакна поддршката од граѓаните, како значаен фактор за реализацијата на проектот, посочувајќи дека дуќанџиите и закупците поминале низ тежок период во текот на работите. Според него, промените бараат време и трпение, но резултатот останува како придобивка за целата заедница. Тој оцени дека со обновата, просторот повторно има услови да го заживее срцето на градот и да стане место на кое ќе се создаваат нови приказни. На крајот, тој ја истакна обновата на Чаршијата како дел од пошироката визија за развој на Гевгелија и порача дека локалната самоуправа продолжува со реализацијата на нови проекти за Општината: уредена и модерна.
Старата чаршија е целосно реконструирана со инвестиција од 41 милион денари, со што повторно ги добива заслужените изглед и значење. Чаршијата е регистриран споменик на културата од 2004 година.












