петок, јуни 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Старото училиште во Нов Дојран ќе прерасне во мултифункционален комплекс за учење...

Старото училиште во Нов Дојран ќе прерасне во мултифункционален комплекс за учење и забава

68

Стариот објект на основното училиште „Кочо Рацин“ во Нов Дојран сè уште им е во сеќавање на најстарите жители на ова населено место, иако по пожарот што го зафатил пред повеќе од дваесетина години, останале само урнатини.

Сегашните урнатини на старото училиште се граничат со новата детска градинка „Кокиче“, отворена пред десет години, па за да се уреди просторот, локацијата на старото основно училиште влезе во предизборната програма на новиот градоначалник на Дојран, Илија Тентов.

– Во инфраструктурните проекти во програмата се планираат реновирање на старото училиште и негово трансформирање во нов мултифункционален комплекс за учење и забава, кој е предвидено да се реализира со средства од општинскиот буџет, централната власт и од меѓународни фондови – информираат од Општина Дојран.

Инаку, учениците што го завршиле основното образование тука паметат дека училиштето било на два ката, влезниот дел го красел голем насликан ѕиден мурал, како и музејски примероци од живиот свет во Дојранското Езеро.

На долниот кат, настава држеле одделенските паралелки од прво до четврто одделение, додека на вториот кат учеле класовите од петто до осмо одделение.

–  Долу се наоѓаше и кабинетот по предметот ОТП, а зад училиштето имавме спортска сала, во која на едниот крај имаше бина каде што се држеа училишни претстави. Одевме во смени, така што прва смена секогаш беа класовите што обично ги имаше по два од иста генерација, додека имавме одделенија само по едно од секоја година, кои броеја по десетина ученици, бидејќи тоа беа само деца што живееја во Нов Дојран. Се сеќавам дека за да влеземе во училиштето, мораше да се наредиме сите класови во редици на предниот влез, а исто така наредени чекавме да влеземе и во училишната менза – вели 83-годишниот дојранец Панде Шулев.

Родените во 80-тите години, веројатно, биле последните генерации што во оваа училишна зграда, бидејќи во меѓувреме почнал да се гради и нов објект на истото училиште, на нова локација. Жителите раскажуваат дека почнала наставата во новата зграда, а стариот објект бил иселен кога во првите години од овој век, во текот на летниот распуст, е запалено училиштето. Огнените пламени брзо го совладале покривот, кој, според сеќавањата на дојранските жители, во минатиот век се правел од плетена трска, врз која се ределе ќерамиди. И покрај пожарникарската интервенција, од училиштето останале само ѕидовите.

ИЗДВОЕНИ