Полска уште еднаш потврди дека е одбојкарска велесила откако го освои златниот медал на Европското првенство, со победа над Франција од 3:1, во големото финале. Под водство на Никола Грбиќ, Полјаците стигнаа до уште еден голем трофеј, а српскиот стратег го освои својот десетти медал со репрезентацијата.
Сепак, по враќањето во Полска, Грбиќ реши да проговори за нешто што, како што вели, сериозно го фрустрирало во текот на шампионатот. Станува збор за условите за тренинг во Бугарија, каде што Полска ги играше натпреварите и помина повеќе од две недели.
Тој откри дека неговите играчи често тренирале во необични утрински термини, иако претходната вечер имале натпревари што завршувале доцна. Според него, тоа значело дека одбојкарите понекогаш имале само пет или шест часа сон пред да мораат повторно да се појават во салата.
- Условите во Бугарија беа далеку од идеални. Сè уште не ми е јасно зошто моравме да тренираме во толку невообичаени термини – изјави Грбиќ, кој тврди дека разговарал за проблемот со делегатите и испратил официјален и-мејл до претставниците на ЦЕВ.
Особено го издвои натпреварот против Бугарија, кој траел пет сета. По средбата, полските одбојкари се вратиле во хотелот дури околу два часот по полноќ, а веќе во 10:00 часот изутрината морале да бидат на тренинг.
- Што, всушност, може да се постигне на таков тренинг? Веројатно, ништо повеќе од лесно префрлање на топката. Тоа не се идеални услови за долг турнир – порача Грбиќ.
И Камил Семенјук се пожали за распоредот, оценувајќи дека ваквите услови можеле сериозно да влијаат врз формата на тимот. Сепак, Полска успеа да ги надмине проблемите и на крајот да стигне до европската титула.
Грбиќ потенцираше дека неговите играчи покажале карактер и успеале да се адаптираат, иако смета дека условите можеле да бидат значително подобри.
На крајот, Полска го освои златото, а Грбиќ продолжи да ја испишува историјата со репрезентацијата. Под негово водство, Полјаците освоија две европски титули, три злата во Лигата на нациите, како и медали од Светското првенство и од Олимписките игри.
Иако резултатите го ставија целиот проблем во втор план, Грбиќ, по завршувањето на турнирот, јасно стави до знаење дека не бил задоволен од организацијата и од условите во Бугарија.
Инаку, дел од ова ЕП беше и селекцијата на Македонија, која го заврши турнирот уште во групната фаза, со една победа и со два порази.











