Бугарија бара временска рамка од Македонија за усвојување на уставните измени, додека македонските власти не отстапуваат од ставот дека земјава мора да добие одредени гаранции дека нема да има нови услови, пред да го направи чекорот со промена на Уставот. Билатералката помеѓу шефовите на дипломатиите на двете земји не доведе до поместување на позициите ниту за милиметар, но се разговарало за продолжување на дијалогот во периодот што следува. По средбата, Муцунски оцени дека „меѓу двете страни постои висок степен на недоверба“, додека Петрова-Чамова беше децидна дека условите за земјава остануваат непроменети и побара временска рамка за исполнување на обврските. Таа уверува дека Софија нема да поставува дополнителни услови за Македонија
БУГАРИЈА ОДБИВА ДА ГИ РЕПРЕГОВАРА УСЛОВИТЕ ЗА МАКЕДОНИЈА, БАРА РОК ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ
Позициите на Скопје и Софија околу евроинтегративниот процес на Македонија остануваат значително оддалечени, и покрај најавите за продолжување на дијалогот меѓу двете земји. Бугарија инсистира на исполнување на обврските од 2022 година, вклучително и уставните измени, додека македонската Влада бара гаранции дека нема да следуваат нови билатерални условувања и блокади на патот кон Европската Унија. Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски најавува дека Владата ќе продолжи да бара решение, со вклучување на европските институции, но без отстапување од барањето за предвидлив и достоинствен процес на пристапување кон ЕУ. Бугарската шефица на дипломатијата, пак, Велислава Петрова-Чамова, по средбата со нејзиниот македонски колега Тимчо Муцунски, вчера. одговарајќи на пратенички прашања во бугарскиот Парламент потврди дека позицијата на Софија останува непроменета и дека спроведувањето на договореното во 2022 година е најдиректниот и единствен можен пат за напредок на земјава кон членство во ЕУ. Петрова-Чамова е децидна дека нема да има репреговарање на Преговарачката рамка за Македонија.
– Бугарија категорично не учествува во никакви консултации за повторно преговарање за преземените обврски од страна на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија. Бугарија не поставува нови барања надвор од општоприфатената европска рамка, но инсистира на строго почитување на досега потпишаните спогодби и гарантирање на правата на Бугарите во соседната држава, рече таа за време на денешната собраниска седница за пратенички прашања во бугарското Народно собрание.
Бугарската министерка за надворешни работи ја бранеше доследноста на бугарската надворешна политика, нагласувајќи дека градењето трајно добрососедство и доверба може да се оствари единствено преку конкретни дејствија и исполнување на преземените обврски од страна на Скопје.
Значително оддалечени позиции
Изјавата на Петрова-Чамова доаѓа непосредно по билатералната средба со македонскиот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски, со кого не успеаја да ги доближат ставовите. По средбата, Муцунски ја оцени средбата како конструктивна и одржана во позитивен дух, но истакна дека позициите меѓу двете земји се значително оддалечени. Во однос на европската интеграција, Муцунски посочи дека меѓу двете страни постои висок степен на недоверба, која, од наша перспектива, е поврзана со предвидливоста на процесот и со досегашното искуство со билатералните барања.
– Нашите позиции се апсолутно јасни. Стратешки интерес и на Бугарија е ние да се движиме напред по европскиот пат. Но, ние сме земја која низ годините постојано се соочувала со билатерални барања. Кога ќе се затворело едно билатерално прашање, потоа се отворало ново, истакна Муцунски.
Од македонското МНР соопштија дека на средбата било разговарано и за продолжување на дијалогот меѓу двете држави во периодот што следува, при што била потврдена подготвеноста комуникацијата да продолжи и покрај постојните разлики во позициите.
– Министерот нагласи дека прашањата поврзани со идентитетот, историјата и културата не смеат да претставуваат пречка на европскиот пат. Тој истакна дека без дијалог не може да се дојде до решение, но и дека самиот дијалог не е гаранција за надминување на разликите, стои во соопштението.
Бугарија бара временска рамка за уставните измени
Бугарската министерка за надворешни работи, пак, по средбата изјави дека Бугарија ја поддржува европската перспектива на Македонија, но условите за нејзиниот напредок остануваат непроменети.
– Одржавме конструктивна билатерална средба со министерот Муцунски. Средбата беше побарана од страна на Република Северна Македонија и јас ја прифатив. Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, при што условите за неа остануваат непроменети од 2022 година. Очекуваме да бидат исполнети и уставните измени, како и сите останати елементи од договорениот консензус. Од нивна страна ставот е дека треба да се изгради чувство на доверба. За мене, основниот начин за да изградиме доверба е исполнувањето на обврските. Се надевам дека ќе видиме позитивни чекори во оваа насока, изјави министерката за надворешни работи, нагласи Петрова-Чамова.
Бугарската шефица на дипломатијата беше категорична дека Софија не поставува дополнителни услови за земјава и побара временска рамка за исполнување на обврските од 2022 година.
– Ние немаме други очекувања освен оние што се запишани во 2022 година и очекуваме тие да бидат исполнети. Најдобрата гаранција е исполнувањето, нагласи Петрова и додаде дека процесот на пристапување кон ЕУ се заснова на јасно утврдени правила и критериуми, а одлуките ги носат земјите членки согласно договорената преговарачка рамка.
– Ниту една земја членка не може да ѝ даде гаранции на земја кандидат за продолжувањето на процесот. Она што може да го даде е политичка подготвеност да се придржува кон преземените обврски. Бугарија ја покажа таа подготвеност, рече Петрова-Чамова и истакна дека останатите држави од Западен Балкан, вклучително и Албанија и Црна Гора, покажуваат политичка волја за напредок на својот европски пат и дека се надева дека тоа ќе се случи и со Македонија.
Гаранции
Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, пак, во телевизиско гостување непосредно по одржувањето на средбата истакна дека ставот на македонските власти околу уставните измени е непроменет и дека очекува одредена гаранција дека нема да има друго вето.
– Нашиот став, како Влада, за уставните измени е непроменет не затоа што сме тврдоглави туку затоа што ние сме направиле доволно за тој европски пат и единственото нешто што го очекуваме во овој момент е одредена гаранција која треба да ја добијат граѓаните, а не јас како политичар дека нема да има друго вето. Затоа ние сме конструктивни и цело време нудиме решенија. Од другата страна, зборувам за нашиот источен сосед, за жал, нема желба за каков било напредок кога станува збор за тие решенија – да седнеме да ги разгледаме, анализираме, разговараме и така натаму. Затоа ние велиме, ајде да се вклучи малку поробусно Европската комисија или Европската Унија за да можеме сите да разговараме, бидејќи пораката што ја добиваме од нашиот источен сосед е дека тоа не е билатерално прашање, туку меѓу вас и ЕУ. Ние велиме во ред – тогаш оставете не со Брисел да се договориме. И кога тоа им го велиме викаат не, треба со нас да седнете и сме во чудна ситуација бидејќи од една страна пораката е седнете со Брисел, а од друга страна – не, не, не со Брисел, треба со нас да се договорите, рече Мицкоски во интервју за ТВ Алсат М.
Тој истакна и дека пораката од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, јасно ги демантира тврдењата на домашната опозиција и Филипче дека Владата не спроведува реформи, затоа што таа ја оцени работата на Владата како импресивна. Македонскиот премиер смета дека со постепена интеграција, земјава може да го придвижи процесот за целосна интеграција во Европската Унија иако, како што вели, имајќи ја предвид состојбата во ЕУ и светот, ќе нè очекуваат многу предизвици. (В. С. Н.)












