вторник, октомври 13, 2026
Дома СКОПСКА Спелеонуркачи ќе истражуваат длабочини над 300 метри

Спелеонуркачи ќе истражуваат длабочини над 300 метри

10

Во подводната пештера Врело во кањонот Матка, во тек е спелеонуркачка експедиција чија цел е да се надмине досегашниот рекорд од 287 метри и да се истражат длабочини од 300 метри или повеќе, во еден од најдлабоките подводни пештерски системи во Европа и во светот.

Од спелеонуркачкиот клуб „Врело“ информираат дека се реализира експедицијата од 10 до 17 октомври и претставува обид за понатамошно  истражување на подводниот систем на пештерата.

Пештерата Врело досега беше предмет на повеќе значајни истражувања. Италијанскиот нуркач Луиџи Касати достигна длабочина од 212 метри, полскиот спелеонуркач Кшиштоф Старнавски од 242 метри, додека во 2025 година полскиот нуркач Бартломиеј Питала, со својот тим, достигна 287 метри, со кои пештерата во моментов е рангирана како третата најдлабоко истражена подводна пештера во светот, по Фонт Естрамар во Франција (312 метри) и Елефанте Бјанко во Италија (292 метри).

Експедицијата „Врело 2026“ се одржува под генерално покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Поддршка на терен обезбедуваат припадниците на специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при Министерството за внатрешни работи, а во состојба на готовност се и хеликоптерската единица на МВР, Службите за итна медицинска помош и Црвениот крст. Во подготовките учествуваа и единици на Генералштабот на Армијата.

 

ИЗДВОЕНИ