Претставници на Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) од денеска до 16 октомври се во посета на Македонија, во рамките на која ќе остварат средби со владините претставници, деловниот сектор, граѓанското општество и со меѓународните партнери.
Од ЕБОР информираат дека посетата е дел од редовните консултации со претставниците на акционерите на Банката. Предвидени се средби со премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, како и со претставниците на министерствата за енергетика, животна средина, финансии и за надворешни работи. Делегацијата ќе се сретне и со градоначалникот на Скопје и со претставниците на Народната банка.
Во рамките на посетата, директорите ќе разговараат со претставниците на граѓанскиот сектор за владеењето, транспарентноста, конкурентноста, евроинтеграциите, зелената транзиција, родовата еднаквост и за економската инклузија.
Предвидени се и посети на компаниите „Варус“ и „Макпрогрес“, клиенти на ЕБОР, каде што делегацијата ќе се запознае со нивното работење, развојните планови и со искуствата од соработката со Банката. Посетата на „Макпрогрес“ ќе ги опфати и центарот за истражување и развој и новите производствени капацитети за вафли.
Од ЕБОР посочуваат дека Банката досега има инвестирано речиси 3,2 милијарди евра во Македонија, преку 219 проекти. Нејзините приоритети се подобрување на поврзаноста и интеграцијата, забрзување на зелената транзиција и поддршка на поконкурентната и поинклузивна економија.












