Исклучително обилните дождови што ги донесе феноменот Ел Нињо разбудија милиони семиња кои лежеа заспани под земјата, прекривајќи ги со цвеќе огромните пространства на едно од најсувите места на планетата.
Пустината Атакама, едно од најсувите места на Земјата, го промени својот изглед по обилните врнежи на северот од Чиле. Непрегледните предели, кои инаку се исушени, сега се прекриени со виолетови и бели цвеќиња во еден редок природен феномен познат како „расцветана пустина“.
Под почвата на Атакама, семињата и луковиците на околу 200 различни растителни видови лежат заспани во текот на долги временски периоди, чекајќи ги вистинските услови за да никнат. Врнежите поврзани со климатскиот феномен Ел Нињо им овозможија на многу видови да процветаат. Резултатот од тоа е потполно трансформиран пустински пејзаж кој привлекува голем број посетители, кои застануваат за да го фотографираат овој несекојдневен глетка.
Оваа сезона врнежите беа особено обилни. Во некои области паднаа повеќе од 180 милиметри дожд, што е количина која „никогаш претходно не е забележана“, изјави за АФП Сезар Пизаро, менаџер за биодиверзитет на Атакама во Чилеанската национална шумарска корпорација (Conaf).
Водата продре во песокот подлабоко од вообичаено, поттикнувајќи го растот на вегетацијата во овој природен резерват кој се наоѓа на околу 800 километри северно од Сантијаго. Според прогнозите на Conaf, овој спектакл ќе го достигне својот врв во октомври. Агенцијата проценува дека околу 15.000 хектари би можеле да бидат целосно прекриени со цвеќе.
Ел Нињо како причина за историските врнежи
Цветањето на пустината уследи по период на интензивни дождови поврзани со Ел Нињо, климатски феномен кој се карактеризира со загревање на површинските води во централниот и источниот екваторијален Пацифик.
Ова загревање може да ги наруши обрасците на ветровите и врнежите во различни региони во светот и на тој начин да предизвика екстремни временски прилики. Тековната епизода на Ел Нињо би можела да биде најинтензивна откако, пред четири децении, започнаа споредливите мерења.
За жал, дождовите што го погодија Чиле во јули имаа и свои сериозни и трагични последици. Најмалку 13 лица загинаа, додека околу 4.000 домови беа уништени или претрпеа големи оштетувања.












