Марија Димовска и Јована Лалчевска со уметничкиот прекар Јаула, во прекрасна атмосфера, исполнета со позитивни вибрации и со присуство на многубројни гости, меѓу кои и ние, новинарите, одржаа двојна промоција, со што нè убедија во нашата констатација дека оваа есен ќе биде исполнета со многу добри, певливи поп-рефрени, а, ете, да не мора да се фестивалски
Македонската музичка поп-сцена секој ден е сè побогата со нови музички имиња, нешто како печурки по дожд. Така со право вели народот, а и ни се случува тоа. Зошто да не? Убавина до убавина. Па така, деновиве, со цел да станат хитови, а пејачките попопуларни, две нови музички имиња, две прекрасни девојки ги промовираа своите нови песни. Тоа се Марија Димовска и Јована Лалчевска со уметничкиот прекар Јаула. Во прекрасна, опуштена атмосфера, исполнета со позитивни вибрации и со присуство на бројни гости и од естрадата и од медиумите, се одржа двојна промоција. Две песни со две девојки што со сигурен чекор по чекор го бараат своето место под сонцето на македонската музичка поп-сцена. Така што оваа есен ќе биде исполнета со многу добри, певливи рефрени, а да не се фестивалски.
Дваесет и тригодишната Марија дебитираше таа вечер со песната „Во чуда верувам“. И треба да верува. Модерен музички проект што носи афробит звук, дополнет со впечатлива саксофонска линија, која ѝ дава оригинален колорит на целата композицијата. Композиторот Драган Илиев, освен што ја напиша музиката, е и автор на текстот и на аранжманот. Инаку, самата Марија има соодветно музичко образование. Основното и средното музичко ги има завршено во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, на насоката музичар теоретичар, а има настапувано и како дел од хорот „Мирче Ацев“. Денес е на магистерски студии по менаџмент на човечки ресурси, продолжувајќи успешно да ги спојува образованието и музиката. Во секој случај, посебна е во сè – и во пеењето и во начинот на кој се движи на сцената, но и со својата пријатна комуникација со луѓето.
Таква е и шармантната Јаула. Таа се претстави со песната „Само ти“. Музичката продукција ја потпишува Михаил Дамчевски, кој заедно со пејачката е коавтор на текстот. Јаула, и пред оваа нова песна, имаше неколку песни. Својата љубов кон музиката ја надградува и со студиите по џез со популарни жанрови, на насоката за соло пеење. Покрај одличните интерпретации, таа пишува и текстови, воедно создавајќи и авторска музика.
Сè на сè, оваа двојна промоција докажа дека македонската естрада постојано раѓа нови имиња за кои честопати постои голем интерес и во странство. На фестивалите, концертите, настапите, забавите… нашите новонадежни пејач(к)и се наградувани, со што јасно, сликовито се потврдува онаа стара поговорка дека кога поминуваш низ Македонија, немој да пееш, ниту да играш, бидејќи ќе бидеш и натпеан и надигран. А, токму тоа најдобро го работат и Марија и Јаула. Тие две, многумина уште на почетокот од кариерите, ќе ги натпеат!
Дуле МИЌИЌ












