Совремниот танцов перформанс „Ткаење“ (Weaving), на авторките и кореографки Адријана Данчевска-Ровчанин и Александра Петрушевска, ќе биде изведен вечерва, во 21:00 часот во Дансинг салата на МКЦ во Скопје. Втора изведба перформансот ќе ја има на трети октомври во 21:30 часот во Културни информативниот центар во Битола. Претставата е во продукција на Танц Бункер – Платформа за независен танц.

„Weaving“ е дијалог меѓу две кореографски перспективи, во кој физичките и музичките форми се среќаваат, повторуваат, разградуваат и повторно се обликуваат. Како појдовна точка, авторките земаат ритуални обичаи од македонското културно наследство – традицијата на плетење коса и машкото оро „Тешкото“ – кои во претставата се реконтекстуализираат и фрагментираат, при што отвараат поинакво читање низ телото, неговите односи и присуството во просторот.

Претставата ја брише границата помеѓу современиот танцов перформанс и концерт, изведени во живо, поврзувајќи ги движењето, звукот и непосредното присуство на изведувачите. Низ ритуалите на секојдневните навики, како танцување, слушање, одмор и траење, делото ги истражува односите меѓу телата и нивната поврзаност, но и редефинирање и ослободување од структурите што самите ги создаваат.

Погледите, копнежот, колебањето и желбата за преобразба се дел од поттекстот на „WEAVING“, додека музичкиот слој е изграден преку деконструирани ритмички секвенци, тапани во живо и синтисајзерски звуци. Во таа поставеност, претставата се развива околу идејата за заедништво и истовремената потреба за промена одвнатре.

Перформансот е структуриран во два дела, создадени низ авторските перспективи на Данчевска-Ровчанин и Петрушевска. Во изведбата учествуваат Нина Петрушевска, Тереза Лазарев, Александра Петрушевска и Адријана Данчевска-Ровчанин, а музиката во живо ја изведуваат Александар Гроздановски на синтисајзери и Дарио Циевски на тапани. Дизајнот на сцена и костимографијата се на Ивана Мојсовска Головски, додека видеото и фотографијата се на Марко Маријановиќ.

Адријана Данчевска-Ровчанин – кореографка, танчарка и универзитетска професорка, една од првата генерација автори кои професионално се оформуваат низ Скопје танцов театар. Танцовото образование го започнува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, а дипломските и магистерските студии по кореографија ги завршува на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Скопје–Париз–Њујорк. Од 2019 година е дел од наставниот кадар на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, а денес е декан на Филмската академија, во чии рамки се реализира студиската програма за современ танц. Како кореографка создава повеќе авторски дела, во продукција на Скопје танцовиот театар, меѓу кои „Симбол“, „Д.О.Л“, „Дома“, „Не ми ги допирај очите“, „The Remix“ и „Mockumentary“. Со Скопје танцовиот театар гостува на сцени и фестивали во Холандија, Кина, Латвија, Хрватска, Словачка и други земји. Како гостин-кореограф работела со танчери од Кодартс универзитетот на Ротердамската танцова академија и на Универзитетот за уметности во Цирих, а во 2020 година го кореографира и режира „Дома/Филмот“, првиот македонски танцов филм. Добитничка е на Прва награда од жири и Награда од публиката за најдобра кореографија на 26. Фестивал на кореографски минијатури во Белград. Во 2026 година делото  „Mockumentary“ е претставено во рамки на ТОП10 претстави на меѓународниот Moving Balkans Contemporary Dance Showcase. Данчевска Ровчанин е и коосновач е на Танц Бункер – Платформа за независен танц, насочена кон продукција, развој и афирмација на современиот танц и независната танцова сцена.

Александра Петрушевска е танчарка и кореографка, која живее во Берлин и работи на меѓународна сцена. Таа ја започнува својата танцова пракса во колективни, неформални рамки, пред да се приклучи на Скопје танцов театар во периодот од 2015 до 2018 година под уметничко водство на Рисима Рисимкин. Дипломира на „ХЗТ“ Берлин  во 2022 година, по што соработува со Џиневра Панцети и Еврико Тикони на претставата „Инсел“ со која гостува на „Џулиденс“ фестивалот во Амстердам, Холандија; „РомаЕвропа“ фестивалот во Рим, Италија; „Passages Transfestival“ во Центарот Помпиду во Париз и Интернационалните кореографи средби во Сан-Сен Дени во Париз, Франција. Соработува со Амин Нокми на  делото „Шираз“, со кое гостува  во театрот „Саделс Велс“ во Лондон, Велика Британија; „Театар де ла Вил“ во Париз и „Куќата на танцот“ во Лион, Франција. Во својата кореографска пракса, преку работа со системи кои се преклопуваат, таа го доведува телото до состојби на непрепознавање, возбуда и двоумење.

Проектот е финансиран во рамки на Националната програма на Министерството за култура и туризам на Македонија.

 

ИЗДВОЕНИ