четврток, октомври 1, 2026
Дома СВЕТ Рубио ја протерал иранската делегација од Њујорк, Техеран демантира – си заминале...

Рубио ја протерал иранската делегација од Њујорк, Техеран демантира – си заминале според планираното

1
EPA/WILL OLIVER

Американскиот државен секретар Марко Рубио наводно им наредил на иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи и на неговата делегација да го напуштат Њујорк порано од планираното, според двајца американски функционери запознаени со одлуката.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп претходно им издаде визи на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, на министерот за надворешни работи и на нивните делегации за да присуствуваат на Генералното собрание на Обединетите нации, иако под строги ограничувања.

Пезешкијан го напушти Њујорк ден по обраќањето пред ОН минатата недела. Арагчи остана, наводно за да учествува во индиректни преговори со САД во врска со повторното отворање на Ормускиот теснец, ставањето крај на конфликтот и продолжувањето на разговорите за иранската нуклеарна програма.

Според двајцата американски функционери, Арагчи првично планирал да остане во Њујорк до среда. Сепак, откако за време на викендот не беше постигнат значителен напредок во разговорите со учество на ирански и катарски посредници, Рубио во понеделникот ги известил Иранците дека Арагчи и неговата делегација мора веднаш да го напуштат градот, пренесува АП, повикувајќи се на „Аксиос“ (Axios).

Еден од функционерите изјави дека Рубио оценил оти Иранците „предолго се задржале“ и дека, бидејќи клучните состаноци на ниво на ОН завршиле, тие повеќе немале причина да останат во Њујорк. Арагчи и членовите на неговата делегација го напуштиле градот многу рано во вторникот.

Сепак, иранската делегација во ОН во средата ја отфрли американската верзија на настаните.

„Во согласност со распоредот што беше однапред соопштен – на 17 септември – до американскиот Стејт департмент, иранската делегација го напушти Њујорк во понеделникот вечерта“, објави делегацијата на својот официјален профил на платформата „Икс“ (X).

„Откако не постигнаа ништо, Стејт департментот прибегна кон ширење неосновани и безвредни вести“, додадоа тие.

Така, во моментов постојат две целосно различни верзии за причините за предвременото заминување на иранскиот министер од Њујорк. Иако американските претставници тврдат дека одлуката дошла директно од Рубио по неуспешните разговори, Техеран тврди дека заминувањето на Арагчи било однапред планирано.

ИЗДВОЕНИ