Денеска 12 август, ќе бидеме сведоци на еден од најимпресивните астрономски феномени во годината на небото. Месечината ќе помине помеѓу Земјата и Сонцето, предизвикувајќи затемнување кое ќе биде целосно во делови од светот, додека од Македонија ќе биде видливо како делумно затемнување на сонцето. Вкупната фаза ќе помине над делови од Гренланд, Исланд и Шпанија, а во областа на најголемото затемнување ќе трае околу две минути и 18 секунди.
Меѓу оние кои ќе го следат затемнувањето директно по патеката на целосното затемнување ќе биде поранешната астронаутка на НАСА, д-р Сандра Магнус. Таа веќе еднаш ја набљудувала сенката на Месечината од вселената, од Меѓународната вселенска станица, а сега ќе го доживее истиот феномен од сосема поинаква перспектива – од источен Гренланд.
Магнус помина вкупно 157 дена во орбитата за време на три вселенски мисии. Додека беше на ISS од ноември 2008 до март 2009 година, таа имаше можност да ја види сенката на Месечината како поминува низ површината на Земјата.
„Од Меѓународната вселенска станица, ја видов сенката на Месечината како темна област што се движи по површината на Земјата под нас. Гледате механиката на Сонцето, Месечината и Земјата на планетарно ниво и навистина ви се памети“, опиша таа.
Оваа година, таа ќе го набљудува затемнувањето од експедициски брод покрај Источен Гренланд, кој е на патот на целосното затемнување. „Во вселената, ја видов сенката на Месечината одозгора. Во Источен Гренланд, овој пат ќе бидам точно во областа што ќе ја покрие“, рече таа.
Таа особено се радува на моментот кога Месечината целосно ќе го покрие Сонцето. Непосредно пред тоа, можете да ги видите таканаречените монистрите Бејли, или точки на сончева светлина што минуваат низ вдлабнатините на работ на Месечината, а потоа и ефектот на дијамантски прстен. Потоа ќе следи целосно затемнување и поглед на короната на Сонцето.
Иако Македонија нема да биде на патот на целосно затемнување на Сонцето, сепак, ќе може делумо да се види. Помрачувањето ќе биде видливо од Скопје околу 19:29 часот, макисмумот ќе биде во 19:36, а ќе заврши во 19:39 часот. Ќе се случува непосредно пред зајдисонце, кога Сонцето е ниско над западниот хоризонт.
Не гледајте во Сонцето без заштита
Без разлика дали го набљудувате затемнувањето од Македонија или патувате до областа на целосното затемнување, важи истото правило: Сонцето не треба да се гледа со голо око.
За да набљудувате делумно затемнување, треба да користите сертифицирани сончеви очила или соодветни сончеви филтри. Обичните очила за сонце не се доволна заштита. За време на целосно затемнување, заштитата може да се отстрани само за краток период кога Сонцето е целосно покриено. Штом се појави дури и најмалиот дел од Сончевиот диск, заштитата треба веднаш да се врати.












