Возачите кои во наредниот период планираат патување кон Грција или враќање од летување треба да сметаат на нови ограничувања во сообраќајот кај Солун.
Поради градежни активности, обиколницата околу овој град повторно ќе биде затворена, а на одредени делови ќе има посебен режим на движење.
Првото целосно затворање е најавено за ноќта меѓу четврток, 23 јули, и петок, 24 јули, во периодот од 23:00 часот навечер до 05:00 часот наутро.
Во овој временски интервал обиколницата ќе биде целосно затворена за сообраќај во двата правци.
Сите возила кои се движат кон Халкидики, како и оние кои доаѓаат од граничниот премин Евзони, ќе мора да транзитираат низ градското подрачје на Солун.
Изменетиот режим продолжува и следната ноќ, меѓу петок, 24 јули, и сабота, 25 јули, исто така од 23:00 до 05:00 часот.
Во овој термин затворен ќе биде само правецот кон Евзони, додека сообраќајот во насока кон Халкидики ќе се одвива без прекин.
Надлежните апелираат до возачите да ја следат привремената сигнализација, да возат внимателно и навреме да го планираат патувањето поради можна зголемена гужва низ градот.












