Како дел од својата поширока определба за поддршка на младите, образованието и на локалната заедница, рудникот „Бучим“ реализира STEM образовна програма наменета за децата на вработените и на талентираните ученици од Општина Радовиш. Оваа програма за STEM-едукација денес прераснува во една од највпечатливите локални приказни за вложување во младите таленти, знаењето и во идните можности.
Преку модел на кофинансирање од 50 %, рудникот овозможува пристап до современите STEM-програми, каде што младите, преку практична работа, учат роботика, автоматизација, логичко размислување и инженерски концепти.
Започната во учебната 2024/2025, програмата континуирано опфаќа помеѓу 23 и 26 учесници месечно, при што, покрај децата на вработените, по иницијатива на друштвото, се вклучени и стипендистите од Радовиш што покажале особен потенцијал и интерес за STEM-едукацијата. Младите учесници работат на современи платформи „Lego Education“ и развиваат роботски модели и инженерски решенија преку кои се запознаваат со современите технологии и автоматизираните системи.
– Најголемата вредност што може да ја создаде една компанија не е само во производството туку и во луѓето и генерациите што доаѓаат. За нас, ова претставува вложување во идните генерации и во младите луѓе, кои утре ќе ја развиваат современата индустрија. Веруваме дека поддршката на младите таленти и на техничкото образование има долгорочно значење за развојот на локалната заедница – велат од ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш.
Резултатите од програмата веќе се препознаваат и надвор од локалната заедница. На натпреварот „First Lego League Explore 2026“ во Скопје, тимот „Brick Raiders“ беше прогласен за апсолутен победник на целиот натпревар, додека другите тимови освоија повеќе признанија за креативност, презентација и за инженерски пристап.
– Најинтересно ми беше кога роботот што го правевме со коцки почна сам да се движи и да ги слуша командите што ги програмиравме ние. На почеток мислев дека ќе биде само игра, а потоа сфатив дека навистина можеме сами да создадеме нешто што работи. Секој час учевме нешто ново и едвај чекав да дојде следниот. Сега многу повеќе ја сакам роботиката и сакам еден ден и јас да правам големи машини и паметни технологии – вели деветгодишниот Илија Павлов, еден од учесниците во програмата и дел од новата генерација млади таленти што растат заедно со „Бучим“.
Во рамките на програмата, младите имаа можност и непосредно да се запознаат со современите индустриски процеси, механизацијата и технолошките системи што се применуваат во рударството, добивајќи практичен увид во тоа како станува технологијата дел од современата индустрија.
Како дополнителна поддршка на најуспешните учесници, „Бучим“ ќе кофинансира учество на 13 деца од победничките тимови на интернационалниот летен STEM-камп во Метаморфозис, Грција, каде што младите ќе работат на роботика, алгоритми и на практични инженерски проекти. Кампот претставува дополнителна можност за едукација, развој и меѓународно поврзување на младите таленти, преку учење и работа надвор од традиционалните училници, во иновативна и интерактивна средина.
Програмата претставува дел од поширокиот пристап на компанијата кон поддршка на образованието, развојот на младите и создавањето вештини релевантни за идната индустрија.
Од лего-модели до титула апсолутни победници – приказната на овие млади луѓе покажува дека идните инженери, иноватори и креатори на нови технологии веќе растат тука, во Радовиш.












