Поскапува водата од градскиот водовод во Битола, и тоа за домаќинствата за 4,58 денари од кубен метар, а за другите категории потрошувачи за 4,88 денари од кубен метар. Ваква одлука донесе Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад и таа веќе е објавена на веб-страницата на РКЕ.
Според изменетото решение за утврдување регулаторна тарифа за снабдување со вода за пиење, односно водоснабдување на ЈКП „Водовод“ Битола за регулираниот период 2024-2026 година, од 1 јуни 2026 година водата за домаќинствата ќе се наплаќа по цена од 39,70 денари за кубен метар, додека за другите категории корисници цената ќе изнесува 63,52 денари за кубен метар. Во образложението на одлуката се наведува дека просечната тарифа за водната услуга снабдување со вода за пиење или водоснабдување за 2026 година ќе изнесува 47,60 денари за кубен метар.
Со измената, Регулаторната комисија ја коригира претходно утврдената тарифа за 2026 година, која изнесуваше 35,12 денари за домаќинствата и 58,64 денари за другите корисници.
Од РКЕ посочуваат дека при утврдувањето на новите тарифи бил земен предвид таканаречениот праг на достапност, според кој цената на водната услуга не смее да надмине 3 проценти од просечниот вкупен приход од домаќинство во подрачјето каде што се обезбедува услугата. Во цената се вклучени тарифата за водната услуга, надоместоците поврзани со користењето на водите, како и даноците утврдени со закон.
Регулаторната комисија дополнително го задолжува ЈКП „Водовод“ – Битола да води одвоена сметководствена евиденција за секоја водна услуга посебно, како и за другите дејности што ги врши претпријатието, а кои не се сметаат за водни услуги.
Одлуката е донесена на седница одржана на 15 мај 2026 година, без одржување подготвителна седница, согласно со Деловникот за работа на РКЕ.
– Решението е, конечно, во управна постапка и ќе почне да се применува од 1 јуни 2026 година – се посочува во решението.
(С. Бл.)












